1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Крим е отскочна штица на Русија кон Средоземното Море“

За Русија украинската база во Севастопол е без алтернатива. За конфликтот меѓутоа тоа не игра никаква улога, вели Клаус Момзен, поранешен офицер и експерт за странски поморски сили во разговор за Дојче веле.

ДВ: Веќе со децении руската црноморска флота е стационирана на украински Крим - зошто тоа место е толку важно за Русија?

Клаус Момзен: На Црното Море Крим има истакната стратешка позиција - полуостровот навлегува длабоко во морето. За Русија тој е отскочна штица во правец на југ, значи кон Средоземното Море и Блискиот Исток. Уште во советско време тука се наоѓаше бродоградителска индустрија, која произведуваше бродови носачи на авиони и крстосувачи.

Дали би можеле попрецизно да го дефинирате стратешкото значење, кое го има базата Севастопол?

Тоа е единственото пристаниште, кое навистина може да ја прифати целата руска црноморска флота, да и‘ понуди заштита и соодветна логистика. За Русите сѐ уште нема замена. Се гради на едно друго место - Новоросиск, северно од Сочи, но тоа место ќе може да прифати само дел од флотата. Дополнително Новоросиск е премногу мал и нема заштитни заливи. Бродовите, кои таму ќе се вкотвуваат, при неповолен ветер може да бидат оштетени од брановите. Тоа во Севастопол со неговите многубројни заливи е поинаку.

Базата затоа не е само главна база на руската црноморска флота, туку исто и на украинската морнарица. Тие таму се сместени една крај друга. Доколку Украина би го откажала договорот за базата и би ги исфрлила Русите, тогаш црноморската флота ќе има проблем.

Зошто црноморската флота е толку важна за Русија?

Русија во голем дел е опкружена со море: На север е Арктикот, северната флота се бори со зимите, оти патиштата во Атлантикот се долги. Исто така и од Балтичкото Море дистанците се далечни. Ако навистина се сака да се влијае во средоземноморскиот регион, тогаш тоа е изводливо само преку овој регион. Средоземното Море во руската надворешна политика игра голема улога, летото 2013. година повторно беше поставена постојана ескадрила во Средоземното Море. Русите не сакаат оваа област да ѝ ја препуштат на американската морнарица.

Што има Русија договорено со Украина, за да може да го користи Севастопол како база за својата флота?

Тоа е долгорочен договор кој е постигнат во времето на поранешниот руски претседател Јелцин. Пред да биде постигнат, имаше спор: Украина рече, дека по распадот на Советскиот сојуз нејзе ѝ припаѓаат бродовите во пристаништата. Потоа беше постигната спогодба и еден дел од флотата ѝ беше доделен на Украина - повеќе бродови, кои секако веќе беа дотраени.

Во 1997. година договорот за изнајмување (за користење на пристаништето во Севастопол од страна на Русија, н.з.) беше продолжен за 20 години. Под Јушченко, претходникот на Јанукович, овој договор практично беше откажан. Јанукович потоа, кога дојде на власт, не само што го реактивираше, туку веднаш го продолжи за натамошни 20 години. Тоа повторно доведе до спор - сѐ до размислувања околу уставноста.

Зошто Украинците го прифатија договорот?

Од една страна поради економски проценки: Русија од своја страна вети евтин гас. Второ од политички причини: Познато е дека Јанукович повеќе им е наклонет на Русите отколку на Западот.

Каква улога игра црноморската флота во моменталната криза?

Русите ја зголемија борбената готовност во нивните бази и пред базите поставија тенкови. Но, тоа служи за сопствената безбедност, тоа не е намера за интервенција насочена кон надвор. Што направија тие: тие очигледно подготвија листи на членовите на семејствата на посадите, кои по потреба би морале да бидат евакуирани. И, тие пренасочија бродови за евакуација. Црноморската флота инаку игра подредена улога во конфликтот. Нема да има судир на море.

Клаус Момзен е поранешен официр и експерт за странски морнарици. Освен тоа тој редовно пишува за списанието MarineForum.