1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Криминал во полицијата во Србија?

Професионализацијата, деполитизацијата и декриминализацијата на полицијата се теми за кои се говореше уште во 2000. година по политичките промени. Меѓутоа 13 години подоцна на тој план Србија е сѐ уште на самиот почеток.

Декриминализација на полицијата долго време беше тема која во Србија се заобиколуваше, но таа сега полека се враќа на голема врата. Дали под притисок на ЕУ, која таа работа ја наведува како неопходна за придвижување на преговорите или како резултат на нови политички пресметки- сеедно, темата за спрегите и криминалот во српската полиција е повторно отворена.

Така белградските медиуми изминатите денови изнесоа голема низа обвинувања на сметка на директорот на српската полиција Милорад Вељовиќ, од тоа како неговиот син вози мерцедес кој чини 60.000 евра, па сѐ до тоа дека „Делта холдинг“ на Мирослав Мишковиќ им ги отплатува становите на членовите на потесното семејство на Вељовиќ. Најновите обвинувања се оти кумот на Вељовиќ му помага на хрватскиот бизнисмен Ивица Тодориќ да го шири своето влијание во Србија. Секторот за Внатрешна контрола на МВР Србија по тој повод наведе дека ќе се испитаат сите медиумски наводи во кои врвот на српската полиција се поврзува со криминални активности и оти никој нема да биде поштеден во овие истраги.

Bosnien und Herzegowina Polizei Milorad Veljovic

Директорот на српската полиција Милорад Вељовиќ

Србија се дави во дрога!

Адвокатот и поранешен министер за полиција Божо Прелевиќ за ДВ истакнува дека процесот на декриминализација на полицијата ќе оди многу тешко и оти е песимист за тоа колку ќе се успее. Прелевиќ наведува дека без истрага не може точно да се каже во какви сѐ криминални активности е вмешана полицијата, но дека и без никакви истраги може да се каже оти Србија се дави во дрога.

„Стотици тони дрога месечно се продаваат во Србија“, вели Прелевиќ. „Тоа во суштина е вртење на парите и причина зошто нарко-дилерите кои со тоа се занимаваат се заштитени. Вие без никакви проблеми, да речеме, можете да влезете во спортската мафија и да ги уапсите сите тие луѓе, но тука основното прашање е што бараат политичарите во спортските клубови? Со што се занимаваат тие ако не со собирање пари? Значи, никој не е луд да се апси самиот себеси. И затоа е прашањето за полицијата политичко прашање, а не дали таму имате стручен кадар за да го сторите тоа. Значи, прашање е дали вие всушност сакате да го сторите тоа.“

Стручњаци за политичка заштита

Меѓусебната спрега на криминалот и политиката е суштината на проблемот и тоа е причина зошто изминатите години ништо не е сторено во врска со декриминализација на полицијата, смета Прелевиќ и додава дека клучната работа во полицијата е кој е вашиот политички заштитник.

Посебна тема е кој тоа би требало да го направи внатре во полицијата, бидејќи полицијата кадровски е во катастрофална состојба, истакнува Прелевиќ: „Во меѓувреме сте измислиле илјада и еден идиотски приватен факултет, а државните се катастрофа, и сега од нив регрутирате стручњаци за полиција. А тие таму ништо не научиле, бидејќи вие не сакате да ги акредитирате тие факултети, а не сакате да ги акредитирате затоа што дел од владата и парламентот таму докторира.“

Полицијата како криминална машина

Професорот на Факултетот за безбедност Зоран Драгишиќ оценува дека ситуацијата со криминалот во полицијата е драматична. Тоа се движи од ситно мито па сѐ до директно учество на припадниците на полицијата во крупен криминал. Не се секако сите полицајци во тоа вмешани, но гледаме дека од деведесетите години во речиси секое убиство на „контроверзни бизнисмени“ или политичари се вмешани некои полицајци, или како директни извршители или како некој кој бил во нивно друштво, предупредува Драгишиќ: „Значи, полицијата свесно е направена како една криминална машина која служи за зачувување на режимот на деведесетите години. За жал, тој режим на Милошевиќ не пропадна, тој е жив и денес, и сите начела според кои тој режим живееше на некој начин се измиени и променети. Но вие суштински, кога длабоко ќе загребете во структурата на српското општество, и натаму ќе ги најдете истите механизми и истиот начин на работа.“

Без надеж во Србија...

Декриминализација на полицијата е некој вид притисок и врз премиерот и министер на полицијата Ивица Дачиќ, кој и сам беше цел на аферата околу поврзаноста со криминалното милје. Драгишиќ вели дека во Србија никој не пропаднал поради афера, и оти сега Дачиќ веројатно ќе исфрли афера за оние кои моментално се против него: „Значи, ова е сега на ниво на некое шутирање под маса и поради тоа јас не сум подготвен да се воодушевувам на оваа борба против криминалот во полицијата. Бидејќи тоа го гледаме секоја година, еве ова е сега и никогаш повеќе, еве сега пресекуваме, нулта толеранција. Тоа се глупости кои ги изнаслушавме од 2000. година до денес.“

Но со надеж во Брисел...

За среќа на чело на Србија во моментов се наоѓа бриселската бирократија, која не би требало да се идеализира, но сепак може да се очекува дека нешто ќе тргне напред. Ако тоа би зависело од нас и нашите политичари, Србија сериозно би се вратила во деведесетите години, оценува Драгишиќ.