1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кризна седница во Лисабон

Португалската влада денеска (06.04) е свикана на кризна седница откако Уставниот суд вчера прогласи за неуставни делови од владините мерки за штедење. Португалија се обврза кај кредиторите на драстично штедење.

По ветото на Уставниот суд против повеќе делови од пакетот владини мерки за штедење португалскиот премиер Педро Пасос Коељо свика кризна средба на својот кабинет за денеска. Владата мора да најде други начини како да ги одржи ветувањата дадени на Брисел со цел намалување на државниот буџетски дефицит. Судиите вчера по повеќе од тримесечни советувања донесоа одлука, според која четири ставки од буџетот за 2013 година се спротивни на уставот. Одлуката ја заостри состојбата во земјата која е потресувана од криза, а која пред Брисел се обврза на строг курс на штедење.

Судот, меѓу другото, за незаконски ги смета кратењата на паричниот додаток за одмор за државните службеници и пензионерите, како и резовите во помошта за невработени лица. Според проценките на онлајн-весникот „публико.пт“, пресудата значи појава од „дупка“ од 1, 3 милијарди евра во државниот буџет.

Portugal Verfassungsgericht

Судиите во португалскиот Уставен суд пред соопштувањето на одлуката

Судиите прогласија за неуставни и дискриминирачки и повеќе ставки од буџетот за минатата година. Против одредбите во буџетот за 2013 година се жалеа не само левите партии од опозицијата, туку и претседателот на државата Анибал Цавако Силва, кој припаѓа на истата конзервативно либерална партија ПСД како и премиерот.

Претседателот својата жалба ја образложи со тоа што „буџетот буди оправдани сомнежи во праведноста од распределбата на жртвите кои треба да се понесат“. Пред соопштувањето на со нетрпение очекуваната одлука на Уставниот суд, во медиумите се шпекулираше дека во случај таа да прогласи неуставност на мерките за штедење, тоа би значело истовремено и пад на владата. Претседателот Силва меѓутоа ги отфрли ваквите шпекулации. Владата има целосна легитимација за останување на власт и во Португалија нема да има предвремени избори, истакна тој.

Португалија во 2011 година од т.н. Тројка, составена од ЕУ, ММФ и Европската централна банка, доби пакет финансиска помош во обем од 78 милијарди евра. За возврат најсиромашната држава во западна Европа се обврза кај кредиторите на драстична политика на штедење заради намалување на државниот дефицит и санирање на државните финансии. Мерките за штедење предивикуваат огромно незадоволство меѓу граѓаните.