1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кризен штаб против недовербата

Во ЕУ важи: еднакви права и обврски за сите. Но што да се преземе против доселеници во ЕУ кои можеби ги злоупотребуваат социјалните услуги? Во Германија со тоа ќе се занимава посебна комисија. Добредојден кризен штаб!

Добро е што новата германска влада основа комисија која треба да преиспита дали и како во Германија може да се постапува против евентуални злоупотреби на социјалните услуги од страна на доселеници од ЕУ. Но тешко е разбирливо зошто уште старата влада не презеде ваков чекор. Со години, главно структурно слабите општини, се жалат на засилено доселување на сиромашни доселеници од Бугарија и Романија. Зошто дури сега се формира специјална комисија? Дали новата влада сепак гледа поврзаност меѓу отворањето на пазарот на работна сила за Бугарите и Романците на почетокот на годинава и многу порано почнатото т.н. „доселување поради сиромаштија“? Доколку е така, тогаш тоа би било голема грешка, зашто двата феномена немаат ништо еден со друг.

Во вжештената и, за жал, пречесто популистички водена дебата конечно фокусот мора да се врати на фактите. Новата комисија може да биде придонес за тоа. Факт е дека сиромашните луѓе од Југоисточна Европа со години си ја бараат среќата во ЕУ. Прво омилени целни земји беа Шпанија и Италија, потоа следуваше Велика Британија и на крајот - Германија. Повеќето од овие луѓе се Роми кои во своите татковини често живеат на маргините на општеството. И во Германија живеат слично, само што маргината е поподнослива, а шансите за интеграција се поголеми, затоа што општеството на мнозинството си ја поставува таа задача.

Факт, исто така, е дека дел од овие луѓе вршат измами со цел да дојдат до социјални услуги. Тоа не може и не смее да се премолчи. Но во Германија има закони со кои вакво однесување се казнува. Државата е таа што треба да ги спроведува законите. Зошто не го прави тоа? Свесно или несвесно превидување на ваквите прекршоци шири социјален немир во земјата и придонесува за тоа доселувањето поради сиромаштија и слободата на движење на пазарот на работна сила да се ставаат во еден лонец. Тоа им нанесува големи штети на германската економија и на социјалните фондови.

Зашто, пазарот на работна сила во Германија има итно потреба од стручњаци. Така беше и пред први јануари 2014-та, значи пред отворањето на пазарот на работна сила за Бугарите и Романците. Со приклучувањето на Бугарија и Романија кон ЕУ (во 2007 година) Германија од двете земји привлече повеќе илјади лекари, негуватели, компјутерски стручњаци и инженери. Тие се интегрирани во општеството, плаќаат даноци и горди се на своите резултати, кои до неодамна беа навистина ценети. За нив е неразбирливо зошто одеднаш се соочени со паушални сомнежи дека ја мамат социјалната држава. Квалификуваните работници и занаетчии, кои од јануари смеат да работат во Германија и можат да ги пополнат празните места на пазарот на работна сила, исто така немаат разбирање за ова.

Deutsche Welle Rumänisch Robert Schwartz

Роберт Шварц, автор на коментарот

Но прашањето што се поставува не е дали Гермија ќе биде преплавена од бран Бугари и Романци кои бараат работа. Не, прашањето е дали поради популистичките ставови во Германија воопшто ќе дојдат доволно стручњаци од овие две земји. Не е чудо што дебатата потсетува на познатиот изборен слоган на еден поранешен ЦДУ-политичар од кампањата во 2000 година - „Деца наместо Индијци“. Тогаш Германија сакаше итно да привлече ИТ-стручњаци од Индија кои беа итно неопходни. Многу од овие експерти меѓутоа не покажаа интерес за тоа да станат дел од германската изборна борба и претпочитаа да заминат на работа во САД и Велика Британија, каде што беа добредојдени.

Офанзивната политика против странци и денес, за жал, добро се позиционира во десниот избирачки спектар, не само во Германија, туку во цела Европа. Со оглед на ваквите позиции, не е за чудење што се‘ повеќе луѓе на југот и на југоистокот на континентот се сомневаат во тоа дека европските права важат еднакво за сите граѓани на ЕУ и се прашуваат дали тоа важи само за привилегираните.

Затоа, јасна цел на новата комисија мора да биде - Романците и Бугарите кои работат во Германија и плаќаат социјални придонеси да се чувствуваат и натаму добредојдени во земјата и да се сигурни дека нема да бидат паушално одбележувани и клеветени.

DW.COM

Поврзана содржина