1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Криза ја тресе автомобилската индустрија

По глобалната финансиска, сега и криза на „реалното“ стопанство. Прва жртва е автомобилската индустрија. Привремено прекинато производството во повеќе фирми. Барања за помош од државата, разговори и на европско ниво.

default

Принуден одмор за работниците во автомобилската индустрија

Германскиот производител на автомобили Дајмлер објави дека во сите свои 14 производствени погони во Германија ќе го прекине производството. Околу 150 илјади вработени ќе добијат до 4 недели продолжен Божиќен одмор, а не се исклучуваат ни натамошни мерки доколку состојбата не се стабилизира до почетокот на наредната година.

Во фабриката на БМВ во Лајпциг од вчера тече четиридневен прекин на производството, што практично значи 2800 возила помалку. Севкупно годинава БМВ ќе произведе 25 илјади автомобили помалку од првобитниот план. Во септември продажбата на трите марки на таа фирма - БМВ, Мини и Ролс-Ројс - опадна за 14,6 насто.

Поради финансиската криза и рапидно опаднатиот пласман на возила, и Опел, Фолксваген и Форд го намалуваат производството.

Integration von ausländischen Mitarbeitern bei Ford in Köln

Машините застануваат и во фабриката на Форд

Кризата ги зафати и лиферантите за автомобилската индустрија

Бош веќе испрати стотици вработени на принудна пауза, а најави и укинување на работни места. Во Континентал размислуваат околу намалување на производството. Без владина програма за кредитирање во наредните две години ќе банкротират 20 насто од лиферантите и ќе пропаднат 50 илјади работни места, оценува експертот за автомобилската бранша Фердинанд Дуденхефер. Едно работно место кај производителите на автомобили значи четири работни места кај лиферантите.

И автомобилската криза е глобална

Од кризата не е погодена само германската автомобилска индустрија: Од вчера и во Франција има принуден прекин на работата. Во САД концерните Џенерал Моторс и Крајслер преговараат за фузија и очекуваат државна помош од околу 10 милијарди долари само за затворање на фабрики и отпуштање на повеќе од 40 илјади од вкупните 166 илјади вработени. Помош им е потребна и за развој на поекономични автомобили.

Опаѓање на пласманот на возила за прв пат по седум години бележи и јапонскиот производител Тојота, а Хонда најави дека добивката ќе биде помала од планираната. „Врз основа на извозната ориентираност, автомобилската индустрија е посебно осетлива на кризи“, вели експертот Дуденхефер. Во моментов сите најважни пазари за неа доживуваат слом.

Интервенции на државно и европско ниво?

Дуденхефер бара државата да интервенира за поттикнување на побарувачката на автомобили и да помогне кај финансирањето. Од Централното здружение на германското занаетчиство бараат државата да се откаже од данок за нови автомобили за две или три години.

И еврокомесарот за индустрија Гинтер Ферхојген смета дека треба да се дејствува: „За в среда свикав автомобилски самит во Брисел. За ситуацијата ќе разговараат раководители на големите претпријатија, министри за стопанство од земји со автомобилска индустрија, синдикати и други. Сигурно нема да се дискутира за субвенции во класична смисла. Но, производителите мора навремено да знаат какви барања предвидуваат законодавците, за да можат да произведуваат автомобили што ќе одговараат на тие барања. Треба да бидат создадени и стимулации за купувачите да се ослободат од старите и да набават нови, поекономични автомобили. Ако производителите имаат проблеми со кредитирањето, тогаш треба да се размисли Европската инцввестициона банка да им даде кредити под поволни услови специјално за развој на економични возила“, вели Ферхојген.




DW.COM