1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Криза - клучен збор за 2012 година

Криза на презадолженост, криза на еврото, криза на автомобилската индустрија, банкрот на познати фирми. Па сепак, во 2012 берзата забележа голем скок. Ретроспектива на 2012 година на економски план.

Годинава, чии што последни денови ги одбројуваме, во историјата ќе оди како уште една година под знакот на должничката и кризата на еврото. Производителите на автомобили западнаа во криза, која ќе ги следи и вo наредните години. Во Германија згаснаа некои традиционални и меѓународно познати претпријатија, Фејсбук надмина бројка од една милијарда корисници, но сосем несигурно зачекори во светот на берзите. И покрај економски турбулентната година, германската берза забележа висока стапка на пораст.

Уште од почетокот на годината беше јасно дека должничката криза и проблемите на Грција ќе и’ дадат белег на 2012. Сепак, германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле предупреди дека не може да се зборува како за најтешка криза по Втората светска војна - барем од германски аспект.

„Нашата економија, според рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“, е толку робустна, што нема опасност, иако со заедничката валута се разбира постои ефектот на заразување. Поради тоа мораме се’ да сториме, за заедничката валута да ја направиме толку стабилна, што подобро ќе ги сузбиваме тие ефекти на заразување“, рече Шојбле.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht Euro-Rettungsschirm ESM

Новиот фонд за спас на еврото ЕСМ беше зголемен од 500 на 800 милијарди евра

Во случајот со Грција прво беше постигнат одреден напредок. Во март повеќе од 85 проценти од приватните доверители, како банки, осигурувања и фондови, се согласија со отпишување на долговите, откажувајќи се од повеќе од половина од номиналната вредност на грчките државни обврзници што ги поседуваа. Голем беше стравот кај нив од целосна загуба ако дојде до нерегулиран банкрот на грчката држава. Без отпишувањето, тоа и ќе се случеше.

Најголемо отпишување долг во историјата

„Многу е важно дека денеска го намаливме нашиот долг ослободувајќи се од товар од преку 100 милијарди евра, половина од нашите вкупни годишни економски постигнувања“, оцени со олеснување тогашниот грчки министер за финансии Евангелос Венизелос.

Тоа беше најголемо отпишување на долгови во историјата. Со тоа беше отворен патот за втор пакет помош за Грција во износ од 130 милијарди евра, што ЕУ го одобри во март. Истиот месец министрите за финансии на земјите од зоната на еврото се согласија да ги покачат средствата за новиот фонд за спасување на еврото - ЕСМ, од првобитно планираните 500, на 800 милијарди. Но, надежите за опоравување на Грција беа изневерени. Економските постигнувања на таа земја продолжија да опаѓаат поради острите мерки за штедење, а задолжувањето по глава на жител остана и натаму високо, и покрај отпишувањето на долговите.

Најголем дел од Грците вината за диктатот на ЕУ за остро штедење и’ го припишуваа на Ангела Меркел. Сепак, германскиот канцелар ја посети Грција во октомври и го пофали напредокот на земјата во борбата против презадолженоста.

EU Gipfel in Brüssel Deutschland Angela Merkel Pressekonferenz

Меркел одигра улога во зачувување на еврото и на монетарната унија

„Денес дојдов овде со цврсто знаење и свест дека периодот што го доживува Грција е изразито тешка фаза, дека многу луѓе страдаат и дека од нив се бара многу. И поради тоа би сакала да ви кажам дека голем дел од патот е навистина поминат. Многу е постигнато, а треба и уште многу да се направи. Во тоа Германија и Грција ќе остваруваат блиска соработка“, рече Меркел.

Денес никој не се осмелува да каже кога и како ќе биде решена кризата, дотолку повеќе што покрај Грција, Португалија и Ирска, постојано и други земји од еврозоната запаѓаат во криза.

На наредната страница прочитајте: Кризата не ги поштеди ниту соларната, ниту автомобилската бранша