1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кризата удира со сета сила врз Србија?

Српската влада најави дека нема да ги замрзнува платите и пензиите. Но, истовремено цените постојано растат. Бизнисмените му порачуваат на народот: „Никој нема да не‘ извлече од криза, ако тоа сами не го направиме“.

Српската влада се договори за програмата за економски мерки за решавање на кризата. И покрај препораките од ММФ, владата одлучи дека оваа година нема да има замрзнување на платите и пензиите. Растот на платите и пензиите во 2014 ќе зависи од растот на економските активности, стои во соопштението на владата.

Темната страна на мерките

Иако на прв поглед делува како мерка која е во полза на граѓаните, експертите сметаат дека нема да има преголема корист од тоа што нема да бидат замрзнати платите и пензиите. Ваквата одлука има пред се' политичко значење, оценува за Дојче веле Тања Јакоби, главен уредник на магазинот „Бизнис и финансии“.

„И тоа пред се’ затоа што платите и пензиите, додека тие и официјално да ги спроведат тие мерки, веќе ќе паднат во реален износ. Бидејќи, гледаме како на динарот во моментов постојано му паѓа вредноста во однос на еврото. Останува сега да видиме какви ефекти ќе има на другата страна, а тоа е како и дали луѓето ќе можат да ги плаќаат своите сметки, колку ќе ги отплаќаат кредитите и колку таа мерка всушност ќе има своја негативна страна“, вели Јакоби.

Скромни заштеди за длабочината на кризата

Serbien Straßenszene Belgrad

Дали владата во Белград навистина ќе ги намали своите трошоци?

Како владата ќе заштеди пари остана нејасно и по објавувањето на програмата за економски мерки. Владата најавува дека ќе ги намали расходите во буџетот за 40 милијарди динари и тоа така што пред се’ ќе постигне заштеди во јавниот сектор. Тања Јакоби вели дека од српската влада најавуваат штедења на репрезентација, службени патувања и слично, но според неа, тоа не е доволно за длабочината на кризата во која се наоѓа Србија.

„Секој ден сме бомбардирани со вести како за овој или оној човек нема доволно за лекување, дека имаме социјални случаи за кои повеќето медиуми бараат помош од граѓаните. Што се однесува до мене, тоа е така да кажам јасна објава на банкрот во буџетот, банкрот на сето она на што сме ние осигурани. И, јас мислам дека тоа нивно штедење, преку работи кои звучат популарно, всушност не е реална“, вели Јакоби.

Тоа штедење може да се однесува за некои субвенции за кои ММФ тврдеше дека се нетранспарентни, владата можеби ќе ги намали своите набавки, но тоа ќе има лоши последици за претпријатијата на кои државата им е главен нарачател на стоки и услуги. Јакоби смета дека како што Србија во културата дошла до нула, така ќе дојде и во некои други области.

Реформа во јавниот сектор – некогаш другпат?

Мерките за намалување на јавниот сектор уште еднаш се одложени за идната година. Ние со години ја слушаме таа приказна, вели за ДВ Билјана Степановиќ, директор на „Бизнис инфо групата“.

„Сега повторно ја слушаме таа приказна. Мене ми се чини дека единствената заштитена категорија во олкава криза во Србија се само државните службеници. Тука ги исклучувам лекарите, полицијата и просветните работници. Тоа е некоја друга приказна и тие и’ се потребни на Србија. Зборувам за чиста бирократија која се множи непрекинато и ние немаме точни податоци колку луѓе се отпуштени од државната управа, односно дали притоа можеби би се установило дека се дури и уште повеќе вработени“, вели Степановиќ.

Тања Јакоби вели дека лошото планирање на буџетот, како и реформата на јавната администрација, ќе се одрази на српската економија.

„Значи, во одреден момент економијата го возвраќа ударот, па се добива или инфлација или, пак, се стигнува до банкрот, па тогаш некои работи на прилично насилен начин се враќаат на место каде би требале да бидат“, заклучува Јакоби.

Народната банка на Србија планираше инфлација од 4,5 проценти, со мали отстапувања. Јакоби смета дека инфлацијата нема да може да се контролира онака како што е замислено и дека треба да се очекува раст на цените во текот на годинава.