1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кризата стигна до Берлин

Американската финансиска криза предизвика големи бранувања, што стигнаа и до Берлин. Во главниот град се одржа вонредна седница на пратеничките групи. Опозицијата со критика за мерките за спасување на Хипо Реал Естејт.

default

Дали државата ќе му го сврти грбот на Хипо Реал Естејт?

Пратеничките групи од Бундестагот се сретнаа за да ги слушнат најновите информации од министерот за финансии и шефот на сојузната германска банка. Комисијата за буџет исто така беше на седницата. Меѓутоа, не се разговараше само за планот за спасување на погодениот финансиски концерн, Хипо Реал Естејт. Пропаѓањето на планот од 700 милијарди долари за спас на американските банки, исто така ја вжешти атмосферата. Канцеларката Ангела Меркел беше јасна: „И германската влада и јас, се надеваме дека САД ќе го изгласа пакетот за спасување во текот на оваа недела, бидејќи него го гледаме како предуслов за повторно враќање на довербата во пазарот.“

На истото мислење е и министерот за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, кој констатира дека неспроведувањето на планот му отежни на светот.

Пакет-помош за Хипо Реал Естејт

Канцеларката Меркел и министерот за финансии, Пеер Штајнбрик, за време на една кратка средба викендов, одлучија Владата да обезбеди 26.5 милијарди евра за да му помогне на Хипо Реал Естејт, погодениот концерн за недвижнини. „Германските банки, државата и владата сносат дел од одговорноста, па затоа мораме да направиме се` за да ги одбегнеме штетите. Пропаѓањето на Хипо Реал Естејт би можело да доведе до последици какви што никогаш порано не сме виделе“, ја оправдува Штајнбрик одлуката на владата.

Haushaltsdebatte im Bundestag

Меркел и Штајнбрик без проблем се договорија за големината на пакетот

Меѓутоа, дали владата имаше право сама да донесе вакво решение? Ова прашање го поставува, пред се`, опозицијата. Тие потсетуваат дека парите одат на штета на буџетот на државата. Шефот на пратеничката група на зелените, Фриц Кун, вели: „Тоа е небрежност на парламентот. Како може коалицијата да се кара со месеци за некоја реформа за данокот на наследство, а одлука за исплаќање на 26.5 милијарди да се донесе преку ноќ? Сметам дека тоа не е во ред.“

Можни големи штети за банкарскиот систем

Опозицијата не се согласува ниту со распределбата на ризиците. Имено, владата ќе го обезбеди најголемиот дел од парите, додека германските приватни банки ќе мораат да учествуваат со 8.5 милијарди евра. Ова го критикуваа и парламентарците од владеачките партии, иако начелно и ЦДУ и СПД го поддржуваат планот за спасувањето на Хипо. Во спротивно, приватните штедачи би можеле да ги повлечат своите пари од банките, што може тешко да му наштети на банкарскиот систем. Што се однесува до Хипо, претседателот на сојузната германска банка, Аксел Вебер смета дека нема друга алтернатива, освен државна помош. Во спротивно, ги предупреди тој пратеничките групи, се заканува целосна блокада на паричниот систем.