1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кризата не ги попречи германските машиноградители

Минатата година беше извонредно успешна за германските производители на машини и постројки, со двоцифрен пораст на производството и извозот. Но, годинава веројатно нема да донесе повеќе од „позитивна нула“.

Германските производители на машини и постројки извонредно ја пребродија кризната 2011 година: производството е зголемено за 12,1 процент, односно за 24 милијарди, со што достигна вкупна годишна вредност од 187 милијарди евра. „За малку ја промашивме нашата прогноза за пораст од 14 проценти, но погледнато заедно, во 2010 и 2011 година производството го зголемивме за 22 насто“, рече Томас Линднер, претседател на Здружението на германските производители на машини и постројки, при претставувањето на резултатите во Франкфурт на Мајна.

Кризата лани не се одрази ни на извозот, кој од јануари до ноември порасна за околу 14 проценти. Во соседните европски земји стапката е 9 насто, „но сепак повеќе отколку што очекувавме“, нагласи Линднер. Најголем скок, пак, е направен во извозот во Русија - 33 насто, во Турција 29, Кина 26 и Бразил 23 проценти.

Создадени се нови работни места

Од успехот на машиноградителите профитира и пазарот на работна сила. Тие лани отворија околу 35 илјади нови работни места. Во декември 2011 во таа бранша во Германија имаше речиси 950 илјади вработени, не сметајќи ги вработените на одредено време. „Ние и натаму сме најголемиот работодавач во германската индустрија“, истакна Линднер.

Flash-Galerie Windanlagenbauer Nordex startet Fließfertigung

Изгледите за тековнава година, меѓутоа, не се толку оптимистички. Експерти на здружението на машиноградителите во септември предвидуваа за 2012 пораст од 4 проценти. Но, во декември дојде до пад на производството, а и побарувачката отиде во минус, па сега здружението очекува само „позитивна нула“ годинава.

Мал застој, а не цикличен пад

„Ова можете да го наречете стабилност на високо ниво или пак стагнација - како сакате. Но, многу наши претпријатија актуелната ситуација ја оценуваат повеќе како пауза за земање здив, отколку како цикличен пад“, вели Томас Линднер, кој смета дека се подеднакво големи и шансите, и ризиците. Според него, извонредни перспективи за пораст нудат области како еколошка заштита, ефективност на ресурсите, електромобилност и енергетска ефективност. Во ризиците, пак, тој ги вбројува опаѓањето на порастот и зголемената конкуренција во Кина, должничката криза во Европа и енергетскиот пресврт во Германија.

Автор: Ролф Венкел/Зоран Јордановски

Редактор: Б. Георгиевски