1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кризата го демне туризмот во Охрид

Домино-ефектот од светската криза во 2009 година се почуствува и во туризмот. Се` уште се прават пресметките за загубите. Ако не се преземат активни мерки, кризата може да биде погубна за Охрид.

default

Далеку помалку гости за Нова Година

Економската криза го зема данокот и во туризмот, а Македонија не е исклучок. И додека во светот туризмот веќе трпи големи загуби, а не е мал и бројот на луѓето кои останаа без работа, во Охрид со половична пред и пост сезона и потпросечна главна сезона, се задоволни. Градоначалникот Александар Петрески за „Дојче веле“ истакна:

„Немаме намалување во приходите од туризмот годинава. Имајќи ја предвид економската кризата, за разлика од сите држави во светот, јас сум задоволен.“

Приходите од туризмот се повисоки како резултат на засилените инспекциски надзори.Угостителите не ја научија лекцијата дека само празен кревет е загуба и дека гостинот е секогаш во право. Високите цени на аранжманите и пансионите сега, по падот на шенгенскиот ѕид, ги избркаа и традиционалните гости од Србија, Бугарија и Албанија. Другите и покрај обидите се ретки, или турите се незначително мали .На многумина свинскиот грип им е алиби. Дочекот на новата 2010 година беше вистински тест. Гости имаше далеку помалку, а со затворени врати останаа неколку хотели. И лани владата не успеа да донесе светски хотелски бренд во Охрид.

Наместо скапи реклами – промоција на терен

Panoramabild von Ohrid

Владата зедно со општината да работи на промоција на градот

Градоначалникот на Охрид Петрески вели дека власта залудно троши пари за скапите спотови на СиЕнЕн :

„Владата со општината заедно треба да се договорат за чекорите во туризмот. Ги повикувам властите да ги прекинат скапите реклами и наместо тоа да се преземат конкретни чекори кои ќе донесат побогата туристичка сезона.“

Општината годинава за промоција и развој на туризмот од собраната туристичка такса ќе одвои 20 милиони денари. Тоа е петпати повеќе од лани.

Надежта дека од индустријата без оџаци може да се заработи, натера неколку бизнисмени да вложат во сопствени хотели. Но, лошата година им создаде горчливи проблеми во сервисирањето на кредитите. Активирани се хипотеки, а банките по законот на економската логика, безмилосно ќе ги продадат хотелите само да си ги повратат парите дадени во кредити.

Угостителите се незадоволни и ригорозното спроведување на законот за пушење, вели угостителот Никола Пулески:

„Ние сме јавни угостителски објекти во којшто може да додје секој гостин, но не мора .Така што, треба да има објекти за пушачи и за непушачи. Со одредени минимални лиценци државата ќе ги одреди и туристите ќе знаат во кој објект смее да се пуши, а во кој не.“

Субвенции за агенциите што ќе носат странци

Ohrid See in Mazedonien mit Badegästen

Охрид мора да ги смени навиките, понудата и цените

Владата по примерот на земјите во опкружувањето започна со субвенционирањето во превозот на странски гости во земјата. Субвенциите во зависност од видот на превозот се движат од 10 до 45 евра по лице. Елида Битрак, сопственичка на туристичка агенција, е резервирана:

„Ова е само еден почетен чекор, кој е за поздравување. Практиката ќе покаже во која насока ќе треба да се подобрува помошта на државата кон нас.“

Практичарите додаваат дека државата сега само ги издначува домашните со странските тур – оператори.Македонскиот туризам е пред предизвикот да ги смени навиките, понудата и цените. И можеби најважното, промоцијата да не завршува само во дворовите на соседите.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM