1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кризата ги тресе македонските фирми

Според Заводот за статистика, состојбата на фирмите во Македонија во јули 2010 година се оценува како поповолна од претходниот месец. Од стопанството реагираат: на голем процент од малите компании им се заканува банкрот.

default

НБМ

Конечно, во јули полнењето на државната каса ги задоволи месечните расходи од буџетот. Сега се поголеми шансите да се исплатат и обврските кон фирмите. Со оваа јавна изјава, министерот за финансии гo призна легитимитетот на јавните критики и незадоволство во бизнис заедницата која предупредува на можни стечаи и блокирани сметки за компаниите кои не можат да си ги наплатат побарувањата од државата. Дел од експертската јавност предупреди дека несолвентноста на буџетот може да доведе до редица банкротства кај мали и средни фирми, со неколку десетици илјади вработени, чии бизниси се врзани за или во корист на Владата, јавните претпријатија или другите буџетски институции.

Со проблеми се соочуваат и фирмите кои успешно работат

„Имаме проблеми со враќањето на данокот, со наплатата на побарувањата од буџетот, а во последниве две години се чувствуваат последиците од глобалната, но и од финансиската криза во Македонија“, вели Нухи Алиу, сопственик на „Еуроактива“, една од поуспешните компании која имаше галопирачки развој и е пред се’ извозно ориентирана, со пласман на старо железо, но и градба на хотелско-деловни коплекси. И покрај кризата, претпријатието „Еуроактива“, ќе инвестира годинава околу пет милиони евра, но тоа е само 40 насто од планираното, поради рестриктивното кредитирање на банките, но и општата неликвидност.

„Поради недостигот на капитал и финансиската криза многу малку компании и средства се насочуваат кон нови инвестиции“, објаснува

Mazedonien Land und Leute

НБМ

за Дојче веле Златко Калеников, претседател на Комората на средни компании.

Зголемен бројот на фирмите со блокирани сметки

Народната банка на Македонија, во својот последен извештај за состојбите на финансискиот пазар, соопшти дека за 50 проценти е зголемен бројот на фирмите со блокирани сметки, зашто практично работеле на вересија со државата, буџетот не ги намирува нивните побарувања, а тие се должни да ги исплаќаат своите, по основ на придонеси за социјалните фондови или данокот на додадена вредност. Никој не соопштува колку се реалните долгувања кон домашните фирми, па се лицитира од 300-500 милиони евра, што е од 7 до 10 насто од годинашниот буџет.

Risto Gusterov

Ристо Гуштеров

Состојбата со внатрешната ликвидност е драматична, предупредува бизнисменот Ристо Гуштеров. „Македонија е држава или во банкрот или многу блиску до тоа. Ако државата се однесува како несовесен домаќин, тогаш таа клима се шири кон сите економски субјекти и затоа е неопходно редовно да се сервисираат долговите кон компаниите, да се изврши нивно внатрешно порамнување.“ Според Гуштеров, Владата треба да прекине со непродуктивните инвестиции во таканаречаната антиквизација на Скопје, да пласира капитални инвестиции во јавни работи, инфраструктурата, што ќе ги подобри економските перформанси и за привлекување странски инвестиции, заклучува за Дојче веле овој бизнисмен, кој во Македонија го донесе „Џонсон контролс“, една од мултинационалните компании, која има своја фабрика во слободната царинска зона Бунарџик крај Скопје.

Актуелниот министер за финансии порекнува дека државата многу им должи на компаниите - екс министерот за финансии критикува

Од друга страна, министерот за финасии во интервју за неделникот „Капитал“ порекна дека државата многу им должи на компаниите, тврди дека бројките се презголемени и дека Владата е стабилен партнер на стопанството. Министерот Зоран Ставревски при тоа се запрашува, како е возможно во последниве две години македонското градежништво да бележи континуиран расетеж од 8 до 9 насто, во услови на рецесија, ако нема јавни инвестиции.

„Општите услови за стопанисување се радикално влошени, а влијанието на државата во бизнисот стана преголемо“, вели универзитетскиот професор Никола Поповски, екс мнистер за финансии во претходната влада на СДСМ. Според него, не може да се реализира никаков бизнис ако тоа не е сврзано со Владата на Никола Груевски.

Предупредување од НБМ и дел од експертската јавност

Неликвидноста станува драматична, предупредува НБМ, но и дел од експертската јавност. Внатрешниот долг во триаголникот држава-фирми-држава е над една милјарда евра, што е една третина од годинашниот буџет. „Можеби сте најликвидната организација во земјата, но тоа е само на хартија, зашто ако не се исплаќаат должничко-доверителските обврски, Влада-компании, а вие треба задолжително да си ги платите обрските кон државата, тогаш вие сте банкрот“, вели универзитетскиот професор Томе Неновски. Притоа се’ уште се толерираат форми кои ги вртат парите, а не ги плаќаат обврските и тоа со амин на некој владин функционер. Тој заклучува

Wirtschaftsministerium in Mazedonien

Министерство за економија

дека примената на моделот на „бруто плата“, што почна да се применува во тек на финансиската рецесија, дополнително ги оптовари компаниите на кои сега им се заканува стечај ако не си ги платат своите обрски пред да исплатат плати за вработените.

Таква драматика не гледа министерот за економија, кој можните помасовни затворања на фирми ги релативизира со бројките дека во последниве две години, годишно се регистрираат по 10 насто повеќе фирми во услови на економска криза. „Сега има 80 илјади регистрирани фирми, што е десет насто во споредба со предходната година“, одговори Фатмир Бесими на прашањето на Дојче веле, колку фирми банкротирале или се на раб од стечај поради внатрешната финансиска криза во Македонија и долгото чекање на парите за бизнисите со Владата или за враќање на данокот за додадена вредност. А тоа е она што Министерството за финансии треба да го прави на секои 45 денови, а тоа е во задоцнување и повеќе од шест месеци, па и една година. Затоа и бизнис заедницата ја предупредува државата да биде добар домаќин во менаџирењето со своите инвестициски приоритети и исплатата на долговите кон стопанството.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска