1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кризата во „ЏМ“ го тресе „Опел“

„Џенерал Моторс“ ќе отпушти 47 илјади работници од кои 26 илјади во Европа. Раководството на Опел, фирма ќерка на „ЏМ“, е пред неизвесност. Се бара концепт за излез од кризата.

default

„Џенерал Моторс“ се наоѓа пред пропаѓање. Од потребните триесет милијарди долари досега се ветени тринаесет. Меѓутоа, пред да се одвојат дополнителни финансиски средства, американскиот производител на автомобили треба да поднесе концепт за санирање. Директорот на „Џенерал Моторс“, Рик Вагонер, синоќа изјави дека во текот на годинава концернот ќе отпушти 47 илјади вработени, од кои 26 илјади ќе бидат во Европа. Колкави ќе бидат последиците врз различните производствени погони ќе покаже наредната недела. Претставникот на работничкиот совет во фабриката во Бохум, Франко Биаџоти, вели дека се чекаат најновите информации: „Ќе видиме што ќе донесат наредните денови, колку долго ќе траат преговорите меѓу нашите претставници и владата. Но за тоа мора првин да бидат изнесени детални информации“.

Нема да има затворање на погони!?

На работниците во утринската смена им олесна кога слушнаа дека во САД не планираат затворање на фабриката на „Опел“ во Бохум. Шпекулациите за ова ги пренесе синоќа економскиот портал „Блумберг“. Од работничкиот совет сметаат дека ќе биде многу лошо за погонот во Бохум доколку се реализираат најавите на Вагонер за затворање на секое петто работно место. Во 2005 година, таму веќе беа отпуштени четири илјади работници: „Се плашам дека во Бохум ќе бидат отпуштени илјада работници. Ние веќе ги намаливме нашите производствени капацитети во последните години, така што нема да бидеме во состојба да произведуваме доволно автомобили“, вели Биаџоти.

GM-Chef Rick Wagoner

Шефот на „ЏМ“ Рик Вагонер

Премиерот на сојзуната покраина Северна Рајна Вестфалија, Јирген Ритгерс, не е подготвен да вети финансиска помош додека не биде направен долгорочен план за преживување на фабриката. Вечерва тој ќе разговара со првиот човек на „ЏМ“ за состојбата во Германија. Биаџоти, сепак, не е убеден дека сценариото за затворање на погони е симнато од дневен ред: „Сигурно не. Прашање е само која фабрика во Европа ќе биде затворена. Доколку слушнав добро утринава, Вагонер рече дека се` уште нема купувачи. Можеби ќе се јави некој кога ќе биде појасна структурата на планот за санација.“

Раководството на Опел подготвен за преговори за партнерство

За евентуалното купување на „Опел“, предуслов ќе биде тој да се одвои од „Џенерал Моторс“. Но, со оглед на актуелната проблематична ситуација, Американците ќе мораат својата германска фирма-ќерка, практично, да ја подарат. Таквата околност ја прави малку веројатна опцијата „Опел“ да остане самостоен. Според последните информации, раководството на „Опел“ не ја исклучува можноста, под одредени услови, да се преговара за партнерство и влез на трета страна во компанијата.