1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кризата во Украина и скриената рака на Москва

Русија го обвинува Западот за ескалацијата на состојбата во Украина. Москва, барем јавно, е воздржана во однос на кризата во соседната земја. Во заднина меѓутоа очигледно засилено се влечат конци.

Москва одговорноста за најновата ескалација на насилство во Киев му ја префрла на Западот. „Тоа е 'директна последица' на западната политика кон украинската опозиција“, соопшти во вторникот (18.2.2014) руското Mинистерство за надворешни работи. Во Киев во последните 48 часа дојде до најтешките судири меѓу демонстрантите и полицијата од почетокот на протестите на крајот на ноември минатата година.

Москва во случајот на Украина се држи настрана - барем официјално. Водечките руски политичари не патуваат во Киев. Претседателот Владимир Путин и премиерот Дмитри Медведев не ги повикуваат секој ден спротивставените страни во Украина на дијалог. Со други зборови, Русија не го прави она што го прават претставниците на Европската унија и на САД.

Патувањата на западните политичари во Киев, во Москва се набљудуваат критички: „Не изгледа коректно и пристојно кога секојдневно се испраќаат емисари“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на неодамнешната средба со германскиот ресорен колега Франк-Валтер Штајнмајер. Претседателот Путин во јануари изјави дека Русија „никогаш нема да се меша во внатрешните работи на Украина“. Притоа, пред сѐ мислеше на давање совети однадвор.

Состанок на руско тло

Wiktor Janukowitsch und Wladimir Putin Treffen in Moskau 17.12.2013

Виктор Јанукович и Владимир Путин

Но во реалноста Москва денес во Украина е активна како никогаш досега во последниве 20 години. Само што влијанието Русите во Украина е помалку јавно отколку влијанието на Европејците. Руските активности се одвиваат на повеќе нивоа. Русите со украинските политичари водат разговори на сопствено тло. Украинскиот претседател Виктор Јанукович се сретна со својот руски колега Владимир Путин по церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Сочи на почетокот на месецов. Резултатите од нивните разговори не се познати. Неколку украински министри во јануари ја посетија Москва. Украинскиот министер за надворешни работи на крајот на месецов исто така треба да ја посети Русија.

Советниците на Путин во посета на Киев

На чело на претседателскиот кабинет во Киев од крајот на јануари се наоѓа Адриј Клујев. Некои украински и западни стручњаци веруваат дека со тоа руското влијание врз украинската политика станало поголемо. Шведскиот експерт за Украина, Андерс Аслунд вели дека Клујев е навистина близок до Кремљ. Аслунд во интервју за онлајн изданието на киевскиот весник „Украинска правда“, изјави дека шефот на кабинетот на претседателот на Украина директно соработува со Владислав Сурков. Тој е советник на Путин за односи со земјите-членки на Заедницата на независни држави, политичка и економска заедница на 11 поранешни држави од Советскиот сојуз.

И еден друг советник на рускиот претседател, Сергеј Гласјев, во последните неколку месеци е активен во односите со Украина. Гласјев е задолжен за интеграција и постсоветскиот простор. Во едно интервју тој директно го повика украинското раководство да примени сила против демонстрантите.

Karte Ukraine Russland und die Krim

„Грузиско сценарио“ на украинскиот полуостров Крим?

Зголеменото влијание на Русија е посебно изразено во автономната република Крим, на југот на Украина. Русите сочинуваат две третини од населението на Крим. Невладината организација „ Севастополски координативен комитет“, пред неколку дена соопшти дека постои можност Крим да се одвои од Украина доколку во Киев се случи „државен удар“. Пратеникот во рускиот парламент и претседател на Татковинската партија, Алексеј Шурављов на Крим основа т.н. „Словенски антифашистички фронт“. Под поимот „фашисти“ тука се мисли на опозициските демонстранти во Киев.

Киевскиот неделник „Зеркало тишња“ во неговото последно издание пишува дека Русија отворила „Кримски фронт“. Весникот стравува дека би можело да дојде до ескалација на судирите како во Грузија во 2008. година, по кои Крим на крајот би можел да се одвои од Украина. Таквата опасност сега драматично се зголемува. Поради тоа политичари од Крим често патуваат на разговори во Москва. Денеска (20.02) во Русија патува претседателот на кримскиот парламент, Владимир Константинов.

Германскиот политички експерт Кристијан Виперфирт, кој меѓу другото работи и за Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) во Берлин, вели дека стравот од можно отцепување на Крим е претеран. „Никогаш во прашање не бил доведуван територијалниот интегритет на Украина“, вели Виперфирт за ДВ. Русија, според него, не е заинтересирана за распарчување на Украина, бидејќи тоа би можел да биде пример и за другите постсоветски држави.

И руските медиуми силно заинтересирани за Украина

Русија и на медиумски план игра голема улога во Украина. „За да се информираат за случувањата во земјата, повеќе од 22 насто од Украинците ги гледа програмите на руските телевизии“, се наведува во резултатите од истражувањата на јавното мислење.

Руските медиуми говорат за „обид за државен удар “ во Украина, кој е поттикнат од страна на Западот. Диана Дузик од киевскиот весник специјализиран за медиуми „Телекритика“, за ДВ изјави дека Русија никогаш не издвојувала толку многу време во медиумите за Украина како што е случајот сега. „Тоа значи дека за Русија од стратешка важност е да ја задржи Украина во својата сфера на интерес“, вели Дузик.

Руското влијание врз украинските медиуми во наредните недели би можело значително да порасне. Имено, една радио станица деновиве започнува да емитува програма на ултракратки бранови во Киев и во останатите градови во Украина. Програмскиот директор на тоа радио доаѓа од Русија.