1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кризата во Египет ја зголемува цената на нафтата

Еден барел нафта од типот Брент чини 100,77 долари. Мексиканскиот милијардер Карлос Слим со намера да инвестира 8,3 милијарди долари во 19 латиноамерикански земји. Германија сака да го зголеми извозот на слатки.

default

Нафтата со највисока цена во последните двеипол години

Немирите во Египет ја зголемија цената на нафтата повторно над границата од 100 долари за барел, првпат по двеипол години. Еден барел (159 литри) нафта од типот Брент во меѓувреме чини 100,77 долари, односно зголемена е за 1,3 проценти. Последен пат нафтата чинеше над сто долари за барел во времето на банкротот на американската инвестициска банка „Лиман брадерс“. Постојат стравувања дека кризата во Египет би можела да го доведе во нестабилна состојба целиот Блиски исток. Тоа би значело опасност за транспортот на нафта низ стратешки важниот Суецки канал.

Кинеската индустрија губи на полет

Кинеската индустрија загуби на полет во текот на јануари. Официјалниот индекс на Националната асоцијација на менаџери падна од 53,9 на 52,9 поени во однос на претходниот месец. Сепак, барометарот и натаму нотира конјуктурен пораст над 50 проценти, што е вредност над границата која се зема како мерило за забрзан подем.

Милијарди за Латинска Америка

Мексиканскиот милијардер Карлос Слим има намера да инвестира 8,3 милијарди долари во 19 латиноамерикански земји. Од тоа, околу 2,5 милијарди долари би требало да отидат во Бразил, најави најбогатиот човек на светот вчера (31.01) во Мексико Сити. Според Слим, околу 2,6 милијарди долари ќе се влеат во неговата татковина Мексико, односно во неговите претпријатија во трговијата на мало, градежништвото, како и во фирмата за телекомуникации Америка Мовил. Богатството на Слим се проценува на околу 53,5 милијарди долари.

Во тек е Саемот на слатки во Келн

Околу 1500 излагачи од 64 земји во Келн се презентираат на Саемот на слатки. Германските производители на слатки се надеваат дека саемот ќе им донесе добри зделки, пред се‘ во странство. „Нашата цел е во рок од три години да го зголемиме извозот на 50 проценти“, вели Клаус Рајнген, раководител на Германскиот сојуз на германската индустрија на слатки. Во моментов, извозот изнесува околу 45 проценти. Во изминатата година, германските фирми во странство извезле 1,7 милиони тони слатки, односно 7,4 проценти во споредба со 2009 година. Во Германија, конзумирањето слатки во 2010 година благо опаднало - за 0,6 проценти и изнесува 30,57 килограми слатки по глава на жител. Производителите нагласуваат дека поради зголемувањето на цените на шеќерот, какаото и пченицата, се под притисок, но не можат да ги префрлат растечките трошоци врз грбот на трговијата. Претставниците на трговијата, имено, веќе најавија дека цените на слатките во 2011 година ќе останат главно стабилни.

Зелената недела заврши со плус во бројот на посетители и на профитот

Саемот на земјоделство во Берлин, Зелената недела, заврши со зголемен број посетители во однос на претходната година. Оваа година саемот го посетија 415 000 луѓе, или 15 000 повеќе од 2010. На саемот се презентираа 1632 излагачи од 57 земји. Според претставници на саемот, секој од посетителите просечно потрошил по 110 евра во халите - 24 евра за храна и пијалоци, а 86 евра за нарачки. Тоа значи плус од три милиони евра во споредба со претходната година, или 45 милиони евра потрошени пари.

Автор: Моника Ломилер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска