1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кривичниот суд на систематски преглед

Комисија од Министерството за правда ќе утврдува дали судските предмети се распределувале по електронски пат или на рака. Прв на систематски преглед е Кривичниот суд.

Комисија формирана од Министерството за правда денеска се очекува да го започне увидот во начинот на кој се користел системот АКМИС - Автоматизиран информациски систем за управување со судските предмети (Automated Court Case Management Information System - ACCMIS). Овој систем наменет за електронска распределба на судските предмети по случаен избор, подолго време е во фокусот на бројни сомнежи- дека предметите не се распределуваат електронски, туку се даваат лично на рака на политички „подобни судии“, во зависност од тоа кој е обвинетиот, каков е политичкиот интерес за разврска на одреден предмет, дали е тоа предмет на СЈО и кај кој судија би било добро да биде „распределен“. Сомнежите за манипулативна распределба на предмети беа нотирани и во првиотИзвештај на експертската група предводена од Рајнхард Прибе: „Постои перцепција дека овие правила не се секогаш почитувани и дека може да се најдат начини за да се заобиколи системот“. Но, дека тоа не е само перцепција, туку дел од судската практика, досега потврдија повеќе судии. Некои за тоа и писмено реагирале до Судскиот совет, но тој до денес не расправал за посочените злоупотреби на системот, со образложение дека „кај нив не стигнале такви поплаки“, дека „уште еднаш ќе проверат“ и. т.н.

И кориците на предметите „зборуваат“

Најавената ревизија врз употребата на системот АКМИС, следува дури по вториот Извештај на Прибе, во кој се нотира нужност од таква проверка.

„Целта на таквата ревизија е да се дојде до доказ ако имало неправилности, и таквата ревизија треба да се спроведе без политичко влијание. Доколку е потребно со меѓународна помош“, се вели во вториот Извештај на експертската група.

Во меѓувреме, расте бројот на сведоштва за злоупотреба на системот АКМИС. Лично претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, неодамна изјави дека постоеле манипулации со распределбата на предмети во Основниот суд Скопје I Скопје, од страна на претходни претседатели на тој суд, и тоа траело сѐ до стапувањето на функција на в.д. претседателот Стојанче Рибарев (15.03.2017 година). Вангеловски за Дојче веле ги потврдува таквите изнесени наводи.

Symbolbild Akten Akte Arbeitsagentur Archiv (dapd)

Сомнежите за манипулативна распределба на предмети беа нотирани во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе

„Да, имам сознанија дека се правени злоупотреби во тој суд, и единствено таму. Сознанијата ги темелам на она што сум го видел. Знак дека одреден предмет не е распределен преку АКМИС-системот е кога ќе видите дека на корицата на предметот го пишува името на судијата што треба да го води случајот, а до него стои потпис од претседателот на судот. Јас тоа сум го видел“, вели претседателот на Врховниот суд.

Тој не влегува во оценка колкави димензии добила таквата манипулативна практика во Кривичниот суд, со став дека тоа треба да го утврди ревизијата. Засега не е познато со каква методологија Комисијата од Министерството за правда ќе ја спроведе ревизијата врз распределбата на судските предмети, ниту колкав период ќе биде опфатен со неа.

„Ако во проверката не биде опфатен целиот период од функционирањето на АКМИС до денес, подготвен сум да формирам Комисија, која со помош на експерти од компјутерскиот центар на Врховниот суд ќе спроведе сеопфатна проверка“, најавува Вангеловски.

За тоа дека ревизијата ќе има многу работа, сведочи и изјавата на Добрила Кацарска, поранешна претседателка на Кривичниот суд и актуелен судија. Таа на ТВ „Телма“ потврди дека се доделуваат предмети надвор од електронскиот систем.

„За жал, во 21 век во Македонија, земја кандидат за влез во ЕУ, ние зборуваме за постоење на злоупотреби на електронскиот систем. Постојат докази за ова, постојат докази дека влијаеле претседатели на суд. Откако предмет ќе биде доделен на судија, никој нема право повеќе да се вмешува. Но, постојат и случаи кога судија добил притворски предмет, а наредниот ден тој предмет да му биде одземен“, изјави судијката Кацарска.

Symbolbild Bürokratie (picture alliance/dpa/Patrick Pleul)

Електронскиот систем може да функционира во сите видови на судови со различна организациона структура

Електронски траги

Системот АКМИС е воведен со Измените и дополнувањата на Судскиот деловник („Службен весник на РМ“ бр.71/07, 157/09). Изработен е од компанијата „Едусофт“ од Скопје, со финансиска поддршка од УСАИД. Електронската распределба на судски предмети е само еден сегмент од можностите што ги нуди системот. Тој ги автоматизира и следи сите аспекти и фази од животниот циклус на предметите, може да функционира во сите видови на судови со различна организациона структура, обезбедува безбедност на информациите, како и подобрена статистика и мониторинг. Во изминатите четири години за негово одржување се потрошени над 200 илјади евра. За потребите на стручно и квалитетно вршење на надзорот врз примената на Судскиот деловник (и на АКМИС) што е обврска на управната инспекција при Министерството за правда, во 2010 година беа одржани бројни обуки. Тие обучени лица сега треба да откријат дали системот бил предмет на злоупотреба, а ИТ-експерти може да идентификуваат електронски траги што ги оставаат евентуалните манипулации со распределбата на судски предмети. Доколку наидат на опструкции или на технички проблеми, можат да побараат меѓународна помош, како што се сугерира во Извештајот на Прибе. 

DW.COM