1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кривична пријава против Муслиу

Одделот за организиран криминал поднесе кривична пријава против поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање, Хисен Муслиу за фалсификување досиеја на тајните служби.

default

Членот 36. од Законот за лустрација вели дека тој што ќе изврши прикривање, замена, бришење, додавање, уништување или неовластено објавување на податоци поврзани со соработка на лицата со органите на државната безбедност ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година. Според кривичната пријава, Муслиу во октомври стапил во контакт со лице во Тетово, кое најпрво му го предало едното досие, а во наредните денови уште три други досиеја за наводна соработка на високи функционери на ДУИ со странски разузнавачки служби.

Муслиу ги однел досијеата во својот стан во Тетово, ги скенирал документите и направил одредени корекции, односно сменил податоци и содржини од документите. Преправените досиеја „Ибар“, „Вујко“, „Стрелец“ и „Мама“ му ги вратил на истото лице од Тетово. Потоа документите биле доставени до Комисијата за лустрација и изнесени пред јавноста.

Според МВР, Муслиу се договорил со поранешниот припадник на југословенската служба за безбедност, Божидар Спасиќ да изјави дека објавените досиеја се веродостојни, за што Муслиу преку Вестерн унион му уплатил 4.400 евра на Спасиќ. При претресот во домот, полицијата одзеде компјутер, лап-топ, повеќе ЦД-а, мемориски картички, флопи дискети, неколку УСБ стикови и друг материјал. Во компјутерите биле пронајдени четирите досиеја. Муслиу синоќа му беше предаден на истражен судија, кој му одреди осумдневен притвор.

Автор: АТ/ макфакс

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM