1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кредитниот рејтинг на Грција и натаму тоне

Грчката финансиска криза ќе биде тема на вонредната средба на министрите за финансии од ЕУ. Рејтинг агенцијата Стандард и пурс смета на скоро репрограмирање на грчкиот долг.

default

Седиштето на рејтинг агенцијата Стандард и Пурс

Меѓународната рејтинг агенција „Стандард енд пурс“ го намали кредитниот рејтинг на долгорочните хартии од вредност на Грција од степенот Б на степенот ЦЦЦ. Рејтингот е намален одеднаш за цели три степени, а агенцијата како негативна ја означи и кредитната способност на Атина. Негативната перспектива значи дека среднорочно кредитниот рејтинг на земјата може уште да се намалува. Краткорочниот рејтинг на грчките хартии од вредност останува на степенот Ц.

Агенцијата појасни дека со ова расте можноста од т.н. меко репрограмирање на грчкиот долг. Со новото вреднување Грција е оддалечена само четири степени од најниската категорија Д. Ваква категорија би водела пак до огромни консеквенци за европскиот банкарски систем.

Министрите за финансии на ЕУ заседаваат во Брисел

Giorgos Papandreou

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу


Грчката влада изрази разочарување поради ваквата одлука на рејтинг агенцијата Стандард и пурс, при која според Атина не биле земени во предвид огромните финансиски реформи кои се во тек во земјата, како и фактот што таа е членка на еврозоната.

Новото вреднување на кредитоспособноста на Грција ќе биде тема и на средбата на министрите за финансии на земјите од ЕУ, која ќе се одржи попладне во Брисел. Министрите ќе расправаат околу новиот милијарди евра тежок пакет финансиска помош за Грција, но и за мерките за избегнување вакви кризи во иднина.

Со цел да биде избегнат банкрот на Грција, ЕУ и ММФ на Атина веќе и‘ одобрија итни кредити во висина од 110 милијарди евра, а за возврат владата во Атина се обврза на строг курс на штедење.

Конечна одлука на Самитот на ЕУ во јули

Сега ќе се дискутира за дополнителна помош, зашто Грција очигледно не е во состојба самата да се справи со огромниот долг. Новиот пакет би можел да има волумен од 120 милијарди евра, а од владата на премиерот Јоргос Папандреу ќе се бара уште поголемо стегање на ременот. Грчкиот парламент на крајот на јуни треба да го усвои планот за заштеда на 28, 4 милијарди евра до 2015 година, во што спаѓа и приватизација на државен имот, како и кратење на социјалните услуги. Планот претставува предуслов за исплатата на траншата од 12 милијарди евра од првиот пакет за помош на Грција. На денешната средба на ЕУ министрите нема да падне конечната одлука, дополнително ќе се расправа на 20 јуни во Луксембург, а со темата ќе се зафатат и шефовите на држави и влади на ЕУ на самитот во Брисел на 23 и 24 јуни.

Автор: ЖА/СН/афп/дпа/ртре

Редактор: Симе Недевски

DW.COM