1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Креации за на глава

Да се биде модерен, но сепак свој! Личната нота ја обезбедуваат шапките на Клаудија Кехер. Нејзините креации се уникатни, рачно изработени и... прекрасни!

Клаудија Кехер од Вајмар дизајнира мали уметнички дела за на глава. За еден од уникатите 28-годишната Кехер има употребено околу илјада панделки од свила - се‘ е рачна изработка, а шапката има облик на мафин:

„Слатка креација за главата со нула калории. ’Бел де Пари’, пак, е знак на препознавање на колекцијата - рачно извезена Ајфелова кула со лак и штрас“.

Клаудија Кехер изработува повеќе од 100 шапки годишно. Нејзина инспирација, нејзин стил, е времето од 1920-тите до 1950-тите години, но модерно интерпретирани.

„Тоа ми е многу важно, да се екстравагантни и впечатливи, но сепак толку едноставни што можат да се носат секој ден. Треба да ја истакнуваат индивидуалноста и тоа и го постигнуваат“.

Фирмата се вика „Игли близначки“

Клаудија Кехер две години го изучува шапкарскиот занает, таа е дизајнер во германскиот Национален театар во Вајмар. Работи и како моден стилист кај музички телевизии, а во 2008 година ја создаде својата прва колекција.

„Релативно долго време размислував дали тоа некој ќе го бара. Истражував малку како тоа би минало во браншата и откако добив многу позитивни реакции се осмелив и сакав да пробам“.

Нејзината фирма за мода се вика „Игли близначки“. Ја основала пред две години. Силвија Кехер прави по две колекции годишно, а за таа цел употребува квалитетни штофови и материјали, како тул, свила, или пердуви од чапја.

Една шапка чини од 100 до 700 евра

Нејзините шапки веќе се користени за многу фото сесии за списанија од модната бранша. Со својот модел „Бел де Пари“ веќе била присутна и во германски Вог. Нејзините креации чинат меѓу 100 и 700 евра. Често самата е модел. Плановите за иднина гласат:

„Да продолжам, за моите шапки да изработувам уште и модни детали кои ќе одговараат и да успеам да ги пласирам моите шапки во повисоките кругови. Радо би видела моја шапка на коњските трки во Аскот“.

На дел од шапките Клаудија Кехер работи и по четири дена. Сама прави се‘ - таа е модел, се грижи за контакти со медиумите и за маркетинг. Притоа има поддршка од пријателите и од професионалци.

Таква е дизајнерката на накит Џесика Хербер, која понекогаш е нејзин модел. Со својата висока мода за глава, нејзината „Hat Couture“, Клаудија Кехер сака да ги усреќи жените, сака нејзините креации да бидат апсолутно автентични. Нејзини идоли се дизајнери како Вивијен Вестфуд или Жан Пол Готје, кои со своите ексцентрични креации влијаат врз светот на модата.

Шеширите ги има во Вајмар, Париз и на интернет!

Младата дизајнерка сонува за меѓународната сцена. На саемот за мода „Премиум“ во Берлин веќе успеа да стигне. Но засега сака да остане во својата родна Тирингија.

„Вајмар е убаво место за работа. Мирно е и тоа го сакам во Вајмар. Го сакам паркот, тоа ми дава мир за работа. Но моите инспирации или мојот инпут го барам на друго место.“

Шапките на Клаудија Кехер, покрај во продавницата во Вајмар, можат да се купат веќе и во Париз и - на интернет. Таа има фанови од цел свет - Европа, Азија, Канада и САД.