1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Крводарителството опстојува врз хумана основа

Денеска (17.03.10) се одбележува 65 годишнина од постоењето на Црвениот крст на Македонија и Денот на крводарителството. Какви се состојбата, проблемите и резултатите во крводарувањето во земјата?

default

Глигор Новачевски од Црвениот крст на Македонија одговорен за крводарителството, вели: „За 2009-та година остваривме 53.700 единици крв. Планските обврски се исполнети со 98 отсто. Тоа е висок процент на остварување. Во Македонија имаме околу 30 илјади активни крводарители, од кои повеќе од 10 проценти се млади крводарители и крводарители по првпат. Најуспешна е општината Виница: во последниве 30 години таа е 28 пати на првото место.“

Д-р Горан Андонов од Републичкиот завод за трансфузиологија од Скопје дополнува: „Црвениот крст на Македонија и Републичкиот завод за трансфузиологија во Скопје соработуваат многу добро, се координираат и успеваат да го задржат бројот на крводарувањата. Не беше загрозен животот на ниеден пациент во нашата држава, поради недостиг на крв и крвни состојки.“

Службата за трансфузија на крв во тетовската клиничка болница бележи значителни резултати, се испраќа крв и за потребите на тетовските пациенти на клиниките во Скопје. Но, сепак, началникот на оваа служба, докторката Емилија Кочовска изнесува: „Во 2009-та година беа реализирани 2058 крводарувања, што не задоволува се’ уште, според бројот на населението. Ние имаме се’ уште повеќе од илјада фамилијарни крводарувања.“

„Социо–економската криза и транзицијата не влијаат врз крводарувањата“

Blutkonserven Blutspende Blut

Конзерви со крв

Што вели таа околу влијанието на транзиција и социо–економската криза врз крводарителството?: „И покрај сите социо - економски состојби во градови во Источна Македонија, и кај нас, колку само фирми пропаднаа, сепак, крводарителството опстојува и натаму врз хумана основа, врз доброволност и неплатеност.“

Еден од неколкуте рекордери на хуманоста во Македонија Ацо Алексовски од Скопје, кој досега ја дарувал дури 159 пати течноста што значи живот, е категоричен во врска состојбите во земјата: „Мало државиче сме, ама големо според хуманоста!“

Во последниве неколку години во македонските печатени и други медиуми повремено се објавуваа информации за наводни случаи стечајци и други луѓе без работа да ја продаваат својата крв за пари. Николчев Крстев, повеќекратен крводарител од Скопје, тврди: „Крвта не може да се откупува од кого било. Тоа сигурно некои од болните ќе посакаат да се купува и кај нас, како во Бугарија. Но, во Македонија не постои такво нешто: крводарителството функционира исклучиво, исклучиво врз хумана основа.“

„Да им се вратат бенефициите на крводарителите“

Rotes Kreuz

Црвен крст

Крстев посочува и на еден од проблемите со кои се соочуваат дарителите на драгоцената течност во Македонија: „Се отворија многу приватни фирми, во кои голем број крводарители наидуваат на проблеми околу користењето на двата слободни дена, кои им следуваат по давањето на нивната крв.“

Ацо Алексов укажува и на потребата да им се врати на крводарителите уште една поранешна бенефиција, која ја имаа: „За лековите – да биде пак како што беше порано. Да имаме право да ги земаме како досега.“ Сепак, овие луѓе остануваат скромни во својата хуманост: за нив е најважно сознанието дека ги спасуваат со својата крв животите на луѓето. Без оглед кои се.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска

WWW-линкови