1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвав напад врз колеџ во Нигерија

Вооружени исламистички борци во североисточна Нигерија нападнале студентски дом во колеџ за земјоделство и запалиле повеќе простории. Бројот на жртвите се претпоставува дека е неколку десетици.

Вооружена група отворила оган во студентски дом на колеџ во Нигерија при што се претпоставува дека убила најмалку 50 студенти. Нападот бил извршен врз колеџ за земјоделство во Гуџба. Терористите, како што јавуваат нигериските медиуми, упаднале во зградата и почнале да ги убиваат еден по еден студентите, кои во тоа време спиеле. Градот се наоѓа на 30 километри од главниот град на нигериската сојузна држава Јобе, Даматуру. Сега колеџот е под контрола на полицијата. Според полицијата, бројот на жртвите може значително да се зголеми.

„Досега регистриравме 28 жртви“, изјави соработник на болницата во Даматуру, но воен портпарол спомена над 40 убиени.

Според некои доценти, напаѓачите запалиле повеќе простории во зградата.

Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот. Меѓутоа, во минатите месеци исламистичката терористичка група Боко Харам изврши повеќе атентати врз училишта во регионот. Оваа милиција од 2008. година со терористички методи се бори за воведување на шеријатското право во северна Нигерија. Како што самата наведува, таа е блиска до терористичката организација Ал Каеда.

Во мај владата на претседателот Гудлак Џонатан воведе вонредна состојба во североисточна Нигерија. Оттогаш војската засилено се пресметува со припадниците на Боко Харам, кои пак го зголемија бројот на нападите врз цивилното население. Во многу села и места се формирани групи за самоодбрана.

Вестите од областа се обоени со пропаганда од двете страни и тешко проверливи. Во областа тешко можат да продрат независни набљудувачи. Нигерија со околу 170 милиони жители е најбројната со население земја на континентот. Околу половина од жителите на Нигерија се муслимани, а околу 40 проценти се изјаснуваат како христијани.