1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвав Божик во Нигерија

Бројот на жртвите од серијата терористички напади на муслиманската секта Боко Харам во Нигерија се искачи на 39 луѓе, најголемиот дел од кои загинаа во нападот врз католичката црква во градот Мандала.

default

Боко Харам повторно напаѓа

Жестока осуда на терористичките напади во Нигерија ширум светот. Белата куќа оцени дека нападите претставуваат бесчуствително насилство. Според шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле, пак, нападите претставуваат атак врз универзалните вредности на цивилизацијата.

Освен нападот врз црквата во Мандала, во текот на викендот беа изведени терористички акции и на североистокот на Нигерија, каде цели беа припадници на полицијата и на армијата. Одговорноста за акциите ја презеде исламистичката секта Боко Харам. Портпарол на организацијата изјави дека во наредните денови се планираат нови напади.

Verletzte und zerstörte Autos bei Anschlägen auf Kirchen in Madalla Nigeria Afrika

Уништен автомобил пред црквата „Света Тереза“

Плодна почва за Боко Харам

Припадниците на Боко Харам последните денови убија најмалку 61 лице во Нигерија. Оваа секта се залага за воведување на шеријатско право во Нигерија, мултиетничка земја со повеќе од 160 милиони жители, во која верските судири последниве години се’ се почести. Земјата е поделена на сиромашниот север, каде живеат претежно муслимани, и богатиот југ. И покрај големите наоѓалишта на нафта, во Нигерија има голема невработеност и ендемска корупција.

Според проценките, само годинава, сектата извршила повеќе од 500 убиства. Боко Харам на локалниот Хауса јазик значи „западното образование е светогрдие“. Со терористичките акции организацијата започна во 2009-та година кога беа нападнати пунктови на нигериската армија на северот на земјата.

Verletzte bei Anschlägen auf Kirchen in Suleja Nigeria Afrika

Бројни жртви во нападите

„Боко Харам е движење на млади муслимани, кои можат да се опишат како екстремисти. Тие го отфрлаат западното образование. Нивната радикализација е тесно поврзана со лошата економска состојба во земјата. Боко Харам стана собиралиште на млади луѓе без образование и без работа“, вели за Дојче веле Хусаини Абду од организацијата „Акциска помош за Нигерија“.

Блиски врски со Ал Каеда

Други експерти предупредуваат дека организацијата во меѓувреме почнала тесно да соработува со африканскиот огранок на Ал Каеда, од каде добива обука, пари и оружје. Обидите на властите во Нигерија да се справат со Боко Харам, најпрво со употреба на сила, во последниот период и со одредени реформи, се покажаа неуспешни. Експертите предупредуваат дека е само прашање на време кога Боко Харам повторно ќе нападне.

Автор: Александер Гебел/Б. Георгиевски

Редактор: Ж.Ацеска

DW.COM