1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвави судири во Каиро

Судирот меѓу приврзаниците и противниците на Хосни Мубарак продолжија и во текот на ноќта. Во борбите најверојатно има четворица мртви и повеќе стотици повредени.

default

Изминатата ноќт во Каиро имаше истрели, пожари, гаѓање со камења. Во центарот на градот, илјадници луѓе верни на режимот се обидуваа да го запоседнат централниот плоштад Тахрир, каде во вторникот (02.02) повеќе од милион луѓе демонстрираа за слободен и демократски Египет. Со оглед на овој ненасилен масовен протест, 82-годишниот Мубарак најави постепено повлекување од функцијата. Меѓутоа, според новиот развој, се чини дека власта се бори за свое преживување.

Во текот на попладнето вчера (02.02) лица верни до режимот на Мубарак носеа портрети и знамиња во раката, додека во текот на ноќта од истите редови летаа молотови коктели, камења и куршуми, известува дописникот на првата програма на германската телевизија, кој подвлекува дека очевидците во Каиро се речиси сигурни дека напаѓачите се приврзаници на Мубарак. Инаку, претставниците на овој режим честопати ги користеле т.н. „Белтаги“ полукриминални банди тепачи, кои за време на избори имале и задача да ги претепуваат политичките ривали на власта. Во синоќешните судири има најверојатно мртви и стотици повредени. Армијата цело време остана пасивна и им дозволи на напаѓачите да беснеат. Телевизијата Ал Арабија, меѓутоа, информира дека од утрово армијата почнала со апсења, но засега нема податоци колку лица биле приведени.

Flash-Galerie Proteste in Kairo am 02.02.2011

„Остануваме!“

Противниците на Мубарак, од друга страна, не се откажуваат и со денови мажи и жени од сите општествени слоеви протестираат на плоштадот во Каиро, кои не веруваат во понудата на Мубарак за повлекување и бараат побрзо да го ослободи патот за реформи и нови избори.

Со оглед на заострувањето на ситуацијата, претставниците на странските медиуми мораа да ги напуштат своите студија во Каиро и се повлекоа во хотел во центарот на градот, од каде демонстрантите не им беа достапни, меѓутоа со нив може да комуницираат преку мобилен телефон.

Мустафа Хусеин, еден од опозиционите водачи, информира дека е поставен шатор и во една мала џамија на една странична улица, болница за итни случаи, каде се згрижуваат повредените. „Имаме доволно за јадење и за пиење.Чудно е, но со оглед на тоа што долго издржавме, не‘ опфати еден вид славеничко расположение“, вели Хусеин и додава:

„Луѓето кои се овде велат: ’Остануваме!’ Ако мора, подготвени сме и да загинеме.“

Flash-Galerie Proteste in Kairo am 02.02.2011

Светот бара мир и истрага за судирите

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле му се закани на новиот египетски потпретседател Омар Сулејман со остри мерки од страна на меѓународната организација, доколку продолжат нападите против мирните демонстранти во Египет. Во телефонски разговор со заменикот на Мубарак, Вестервеле нагласил дека преминот кон демократија мора да помине мирно и да почне веднаш. И Вашингтон ја повика владата во Каиро да не применува насилство кон демонстрантите. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон побара да се отвори истрага за вчерашните улични судири во египетскиот главен град. Високата претставничка на ЕУ за надворешни прашања, Кетрин Ештон, пак, ја оцени новата египетска влада како недоволно репрезентативна. Според ЕУ, на Египет му е потребна влада на поширока база, која ќе биде во можност да спроведе демократски реформи.

Автор: Мартин Дурм/ртр/дпа/ТТ/Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема