1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвави социјални протести во Аргентина

Во социјалните протести во Аргентина загинале најмалку две лица. По почетокот на ограбувањето на супермаркетите во градот Барилоче, безредијата се проширија на шест градови. Повредени се стотина луѓе.

Две лица загинаа, десетици се повредени, меѓу кои повеќето полицајци, а околу 500 лица се уапсени во различни делови на Аргентина, каде протестите против политиката на претседателката Кристина Фернандез прераснаа во судири и ограбување на продавници.

Протестите, кои прераснаа во грабежи, почнаа уште во четвртокот во скијачкиот центар Барилоче, за потоа да се прошират кон градот Росарио, околните населени места, па дури и предградијата на престолнината Буенос Аирес.

На некои места полицијата беше принудена да користи гумени куршуми и гас - солзавец за да ги растера демонстрантите. Полициските претставници тврдат дека не се одговорни за смртта на двајца демонстранти.

Во повеќето градови дел од демонстрантите насилно влегоа во продавниците на Карфур и Волмарт и започнаа да разграбуваат наразличен вид стока, меѓу што и телевизори со рамен екран.

„Кога човек ќе види дека се изнесуваат такви телевизори, веднаш е јасно дека не станува збор за гладни луѓе, кои крадат за да се прехранат“, рече гувернерот на провинцијата Буенос Аирес Даниел Шоли.

Според премиерот на Аргентина Хуан Мануел Абал Медина немирите се организирани од опозициските синдикати и не е случајно што се совпаѓаат со 11-годишнината од бурните протести и безредија, по кои на 20 декември 2001. година оставка даде тогашниот аргентински претседател Фернандо де ла Руа.

Опозициските синдикати демантираат дека поттикнувале или организирале слични протести и имаат намера да поднесат тужба за клевета.

Во средата синдикатите го организираа вториот голем протест во рок од еден месец против претседателката Кристина Кирхнер. На него учествуваа десетици илјади луѓе. Во ноември беше одржан генерален штрајк, со кој синдикатите бараа пониски даноци на примањата за вработените, откако инфлацијата во земјата според експертите до крајот на годината треба да достигне до 25 проценти.

Кирхнер беше избрана за претседател во 2007 година како наследник на нејзиниот маж Нестор Кирхнер со 54 проценти од гласовите. По два мандата, според аргентинските закони таа не смее да се кандидира на изборите во 2015 година, но нејзината партија иницира промена на уставот. Против тоа постои огромен отпор меѓу народот.