1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Крвава свадба“ во Турција

Вооружен масакр за време на една свадба во југоисточна Турција, однесе 44 животи. Властите веруваат дека причина за него бил спор меѓу семејства во селото Билгекој, и ја исклучија можноста за терористички напад.

default

Масакр во селото Билгекој

Турските медиуми известуваат дека во нападот 44 лица го загубија животот, најмалку 17 лица се повредени. Меѓу загинатите биле и невестата и младоженецот. Инаку напаѓачите употребиле и рачни гранати и автоматско оружје. Селото Билги е контролирано од т.н. заштитници на селата, парамилиција поддржувана од турската влада во борбата против забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Селото е блокирано од страна на полицијата и не им се дозволува пристап на новинарите.

Уапсени осум лица

Schießerei auf Hochzeitsfeier in Bilge

Безбедносните сили го блокираа целиот регион околу селото Билги

Турските медиуми најнапред посочија дека за нападот би можело да постојат и политички мотиви, со оглед дека станува збор за територија во која е активна ПКК, курдската организација која турската влада ја смета за терористичка група. Меѓутоа турскиот министер за внатрешни работи Бесир Алтај ја исклучи можноста дека станувало збор за терористички напад. „Нашите локални безбедносни сили беа на местото на настанот релативно бргу по инцидентот. Ние во моментов сметаме дека не станува збор за терористички напад. Но, истрагата продолжува“, изјави Алтај. Тој утрината соопшти дека масакрот веројатно бил акт на крвна одмазда и оти полицијата уапсила осуммина осомничени.

Последица на лоши обичаи

Türkischer Premierminister Tayyip Erdogan

Реџеп Таип Ердоган

Станувало збор за курдска свадба. Невестата била ќерка на поранешен управник на селото. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за инцидентот изјави дека во целата работа е дотолку полошо тоа што злосторниците и жртвите имале исто презиме.

„Никаков обичај, никаква традиција не може да оправда еден таков масакр. Овој инцидент за жал уште еднаш е горчлив резултат на лоши адети и обичаи. Сакам уште еднаш да ги повикам сите универзитети, образовни институции и невладини организации во регионот да работат против тоа“, истакна Ердоган.

Во меѓувреме жителите на Билги со багери започнаа да копаат гробови во селото. Турските министри за внатрешни работи, земјоделство и правда пристигнаа во селото за на лице место да стекнат слика за ситуацијата.

Еврокомесарот за проширување Оли Рен изрази сочуство за жртвите истакнувајќи дека е длабоко шокиран и натажен и оти верува дека убијците ќе бидат изведени пред лицето на правдата најбргу што може.


Автор: СН/АТ/дв/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска