1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвава разврска на заложничката драма во Алжир

Најмалку шест странски заложници и осум киднапери загинале во обидот на алжирските воени сили да и стават крај на заложничката драма во гасната централа во пустината во Алжир.

Според последните информации, седум заложници се уште се живи и се наоѓаат во рацете на радикалните исламисти кои ги киднапираа со барање да престане францускиот воен ангажман во Мали. Меѓу заложниците, тројца се Белгијци, двајца Американци, по еден Јапонец и Британец, јави мавританската новинска агенција АНИ која е во постојан контакт со киднаперите.

Драмата започна во средата кога киднаперите влегоа во гасната централа и зедоа голем број заложници. Според локални извори во алжирските безбедносни сили, 25 странски заложници успеале да избегаат за време на нападот, како и 180 алжирски заложници.

Првичните информации беа дека 34 заложници и 15 киднапери биле убиени во акцијата, но тие информации во меѓувреме се демантирани од локалните власти, иако портпарол на киднаперите тврди дека бројката е таа.

Киднаперите кои соопштија дека се дел од групата „Баталјони на крвта“ тврдеа дека како заложници земале 41 странец.

Меѓу жртвите е и лидерот на групата Абу Ал Бара. Портпарол на киднаперите изјави дека алжирските воени авиони ги нападнале додека се обидувале да транспортираат дел од заложниците на друга локација на југот на земјата.