1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвавата драма во Најроби се‘ уште трае

Крвопролевањето во трговскиот центар во Најроби, за кое одговорност презеде исламистичката милиција Ал Шабаб, се‘ уште трае. Во нападот загинаа најмалку 68 лица.

И по повеќе од 24 часа од почетокот на нападот, во кој загинаа најмалку 68, а повредени се околу 175 лица, терористите во свои раце се‘ уште имаат заложници. Јасно е каде се наоѓаат терористите, околу 10 до 15 на број, но состојбата останува „тешка“, изјави кенискиот министер за внатрешни работи Џозеф Оле Ленку денеска напладне (22.09) пред новинарите. Меѓу загинатите има повеќемина странци, од кои тројца се Британци, а двајца Французи. САД соопштија дека има неколкумина повредени Американци. Министерството за надворешни работи во Берлин досега нема укажувања дека меѓу жртвите има Германци. Околу извештаите дека израелски специјалци се вклучени во расчистување на заложничката драма, портпарол на армијата во Тел Авив рече: „Не коментираме странски извештаи.“

„Ако знаеш арапски, спасен си, ако не - те убиваат!“

Најмалку 18 маскирани лица, вооружени со автоматско оружје, вчера попладне го нападнаа ексклузивниот трговски центар во западнито дел на Најроби, каде купуваат главно странци и богати Кенијци. Тие околу себе фрлаа гранати. Очевидец во Најроби за агенцијата ДПА изјави: „Ни покажуваа арапски ракописи. Ако знаеш да читаш, спасен си, доколку не - те убиваат.“

Nairobi Kenia Terroranschlag Al-Shabaab Einkaufszentrum Westgate Mall

Се патролира и во околината на трговскиот центар

Исламистичката милиција Ал Шабаб на Твитер соопшти дека нападот е одмазда поради „злосторствата“ на кениската армија во Сомалија. Кенија во изминатите години и‘ помага на соседна Сомалија во борбата против екстремистите. Во една од последните пораки на Твитер, Ал Шабаб соопшти дека во објектот се наоѓаат уште повеќемина „муџаедини“, кои се „мирни и го благословуваат алах што се избрани за оваа задача“. Непосредно по ова, Твитер го затвори профилот.

Кенијата: Има шанси за неутрализирање на напаѓачите

Припадници на специјални сили и војници во текот на ноќта ги зазедоа првиот и вториот кат на трговскиот центар. Терористите, кои држат непознат број заложници, потоа се забарикадираа на третиот и четвртиот кат. Кенискиот претседател Ухуру Кенијата, попладнево соопшти дека исламистите се

Nairobi Kenia Terroranschlag Al-Shabaab Einkaufszentrum Westgate Mall

„Вестгејт“ трговскиот центар е омилен меѓу странците и богатите Кенијци

потиснати во еден дел од објектот и дека има „добра шанса да бидат неутрализирани“. Кенијата претходно во телевизиско обраќање до нацијата рече дека терористите ќе бидат гонети „каде и да бегаат“. Според некои извештаи, меѓу загинатите во крватата драма во Најроби е и еден внук на Кенијата.

Советот за безбедност на ОН остро го осуди нападот. САД оценија дека станува збор за „бесмислен акт на насилство“. ЕУ и‘ понуди на Кенија помош. „Сакаме да сториме се‘ што е во наша моќ за во иднина да се спречат вакви напади“, изјави првиот ЕУ-дипломат Кетрин Ештон. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, осудувајќи го нападот, рече: „Посакуваме извршителите и оние кои стојат зад овој страшен атентат да бидат изведени пред лицето на правдата најбрзо што е можно.“