1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крвавата борба за власт во Египет продолжува

Приврзаниците на египетскиот екс претседател Мурси и полицијата денеска повторно се судрија кај џамијата Фатах во Каиро. Владата размислува за забрана на Муслиманското братство. Во вчерашните борби загинале над 170 луѓе.

Во Египет не е на повидок крај на насилствата. Владата настапува со ненамалена сила против исламистите. Од вчера (16.08) се уапсени повеќе од илјада припадници на Муслиманското братство, а владата подготвува евентуална забрана на организацијата. „На земјата и‘ се заканува војна изнудена од екстремистите“, изјави денеска владин портпарол.

Во Каиро денеска повторно дојде до судир пред џамијата Ал Фатах, каде од синоќа, по почетокот на полицискиот час, беа засолнети стотици приврзеници на Мурси, кои денеска не го напуштаа објектот поради страв од репресалии. На телевизиски снимки беа прикажани вооружени мажи кај џамијата, кои од минарето пукале во војниците и полицајците, кои, како што тврдат државните медиуми, возвратиле на огнот. Според новинарите на Ројтерс, дошло до пукотници и во внатрешноста на џамијата, пред која вчера беа убиени четири лица.

Ägypten Auseinandersetzung um al-Fath Moschee 17.8.2013

Престрелки пред и во џамијата Ал Фатах

Во џамијата наводно има вооружени исламисти и лидери на Муслиманско братство. Според вестите на египетските медиуми, меѓу нив има високо позиционирани функционери на исламистичкото движење кои се барани од властите. Според очевидци, во зградата, исто така, се наоѓаат и жени.

Бројни жртви во вчерашните судири

Најмалку 173 лица вчера беа убиени во земјата при растурањето на протестите на приврзениците на соборениот претседател Мохамед Мурси од страна на силите за безбедност, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во текот на целиот вчерашен ден доаѓаше до крвави судири меѓу собраните исламисти и египетските сили за безбедност. Без оглед на укажувањето дека полицијата смее да пука врз граѓаните во случај на примена на сила или грабежи, на улиците на протести повторно излегоа десетици илјади приврзеници на Мурси. Нереди имаше не само во Каиро, туку и во Александрија, во Бени Суеиф и во туристичкиот град Хургада на Црвеното Море. Исламистичкото движење Муслиманско братство ги повика граѓаните на протести и наредната седмица.

„Ги повикуваме Египѓаните и националните сили на секојдневни протести се‘ до анулирање на пучот“, стои во соопштението на исламистичката група, мислејќи притоа на соборувањето на претседателот Мохамед Мурси.

Преодната влада, пак, објави дека мора да го уништи терористичкиот заговор на Муслиманското братство. Повеќе квартови на Каиро вчера наликуваа на бојно поле. Само во близината на плоштадот Рамзес беа пронајдени најмалку 39 трупови, додека околу 300 лица се јавиле со повреди. Во џамијата Ал-Фатах синоќа по почетокот на полицискиот час, воведен со вонредната состојба, останале стотици исламисти, кои полицијата ги заклучила. Партијата на слободата и правдата на Мурси синоќа објави дека „илјадници луѓе се во стапица во џамијата“. Партијата ја предупреди полицијата да не го повторува масакрот од Раба.

Со тоа се мисли на расчистувањето на протестните кампови, при што во средата (14.08), според проценките, се убиени над 580 луѓе. Соборениот претседател Мохамед Мурси и натаму се наоѓа во затвор на непозната локација.

Гласови за забрана на Муслиманското братство

Египетскиот премиер Хазем ел Беблави денеска предложи да се распушти исламистичкото движење Муслиманско братство, за што, како што рече, преодната влада ја проучува идејата. Тој подвлече дека помирувањето е можно само за оние чии раце не се натопени со крв.

Исламистичкото движење, основано во 1928 година, било распуштено во 1954 година од тогашните воени владетели во Египет, но во март повторно се регистрира како невладина организација како одговор на судскиот процес, почнат од опонентите кои ја оспоруваат неговата законитост. Муслиманско братство има и политичко крило, Партијата за слобода и правда. Таа беше формирана по падот на режимот на претседателот Хосни Мубарак во февруари 2011 година и брзо се претвори во водечка политичка сила во Египет.