1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Крај на политичкиот циркус во САД

Републиканците и демократите во САД постигнаа компромис околу подигањето на максималната граница на државно задолжување. Со тоа треба да му се стави крај на политичкиот театар, смета Кристина Бергман од ДВ во Вашингтон.

default

Кога претседателот Барак Обама синоќа (31.07.) најави дека е постигнат компромис во преговорите околу подигањето на максималната граница на државно задолжување, берзите во Азија само што отворија, а глобалното олеснување можеше јасно да се почувствува. Меѓутоа, компромисот што го постигнаа Обама и лидерите на демократите и републиканците мора прво да им се „продаде“ на пратениците од двете партии. Договорот ќе стане важечки, само откако Конгресот и Сенатот ќе дадат зелено светло. Тоа би требало да се случи денеска (1.8.), но нема да биде само формалност.

Имено, се` уште има пратеници од двете партии, кои не сакаат да гласаат за договорот. Од страната на републиканците, затоа што цврсто стоеја на тоа да не се подига максималната граница на државно задолжување и затоа што сметаат дека кратењата во социјалниот сектор не се доволни. Од страната на демократите, пак, затоа што во основа одбиваа кратења во социјалниот сектор. Таквата неподготвеност на компромис и до сега беше тешко разбирлива, а доколку не се постигнеше договор, тоа ќе беше знак на крајна неодговорност.

За натамошно подобрување на компромисот нема време. Часовникот отчукува и утре (2.8.) американската влада може да се соочи со платежна неспособност. Последиците од тоа би биле катастрофални, пред се` за обичните луѓе. Социјално загрозените веќе нема да добиваат помош од државата, малите претпријатија нема да можат да земаат кредити, бидејќи каматите ќе бидат превисоки. Затоа не треба да се поставува прашањето дали да се гласа за договорот и да се подигне границата на државно задолжување.

Договор со далекусежни последици

Christina Bergmann

Кристина Бергман

Компромисот постигнува и нешто друго: со него се раскинува врската меѓу подигањето на границата за задолжување и преговорите околу кратењето на буџетот. Сите се согласни дека државните трошоци мора да бидат намалени. Долгови од нови 14,3 билиони долари секоја година не се подносливи. Сепак, заканата дека поради блокираните преговори земјата би можела да биде турната во финансиска и економска криза, што би имала последици врз целиот свет, покажува дека оние кои се подготвени на такво нешто, пред се`, републиканците, не се свесни за последиците и затоа не се ниту подготвени за отстапки.

Затоа претседателот отстапи од првобитното барање за зголемување на даноците. Меѓутоа, околу нивното зголемување договор е можно да се постигне во преговори во натпартиска комисија. Од пресудно значење е да се избегне блокада на државниот буџет, што веројатно би довело до намалување на кредитниот рејтинг на САД. Претседателот Обама инсистира и границата на држвно задолжување доволно да се подигне, со цел да се избегне целиот политички циркус да се повтори за шест месеци. Финансискиот свет не би прифатил така лесно реприза на претставата.

Се` освен компромис во Конгресот би било катастрофа и неуспех за лидерите на двете партии, пред се` за лидерот на републиканците во Претставничкиот дом, Џон Бејнер, кој минатата недела и онака не остави добар впечаток. Останува надежта дека кризата, предизвикана по сопствена грешка, сега конечно е надмината и дека владата и Конгресот сега ќе се зафатат со решавањето на вистинските проблеми: високата невработеност, огромниот државен долг и стопанството, кое се` уште стои на стаклени нозе. Крајно време е за тоа.

Автор: Кристина Бергман

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска