1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Крај на „должничката економија“

Проблемите на евро-зоната и на целата ЕУ не можат да се решат со „пожарникарски“ мерки. Неопходно е темелно откажување од „должничката економија“ на европските држави!

default

Во јадрото на кризата на еврото се наоѓа погрешниот став на европските земји кон државните долгови. Затоа најважната подолгорочна цел покрај сегашните мерки за спас е намалувањето на државните дефицити и долгови.

Финансиските пазари само беспоштедно ги откриваат слабостите на презадолжените држави во Европа. Затоа идеите за подобро регулирање и контролирање на берзите се добри. Но, пазарната логика е многу важна како инструмент за дисциплинирање на владите. Доколку успеат обидите да им се одземе таквата функција на финансиските пазари, тогаш ситуација на подолг рок ќе стане уште полоша.

Christoph Hasselbach DW Brüssel

Авторот на коментарот Кристоф Хаселбах

Исто така вистина е дека товарот на државните долгови значително се зголеми поради помошта за банките во екот на првата банкарска криза во 2008 година. Но, проблемот со преголемите државни долгови постоеше и претходно и банкарската криза само го заостри проблемот, кој ионака ќе избиеше порано или подоцна.

Обиди за прикривање на овие непријатни факти има и ден денес. Така, на пример, на Грција повторно и’ е одобрена нова транша финансиска помош, иако податоците зборуваат дека владата во Атина не ги исполнила ветувањата и ситуацијата ја нема под контрола. За потсетување, европските лидери им ветија на граѓаните дека во таков случај ќе биде прекината помошта за презадолжената Грција.

Исто така Франција очигледно најрадо би ги финансирала преголемите државни долгови со помош на печатење нови пари. Какви последици тоа би имало може да се види на примерот на Велика Британија, која не е членка на евро-зоната. Таму имено инфлацијата моментално изнесува 5%. Ако таквиот тренд продолжи во наредните 10 години, тогаш британската држава ќе има само половина од товарот што го содржат празните државни каси, но затоа заштедите на британските граѓани ќе се стопат на половина од сегашното ниво.

Канцеларката Ангела Меркел сега тврди дека мора да се менува Лисабонскиот договор за ЕУ да може автоматски да интервернира против трајните грешници на буџетски план. Тоа е чудно затоа што Европа веќе има јасни правила и договори што се однесува до финансиската стабилност. Само што и Германија, по почетното инсистирање на тој принцип, подоцна го игнорираше во повеќе наврати кога беше во прашање нејзиниот буџет. Затоа се поставува прашањето: зошто би требало членките на ЕУ сега да му се потчинуваат на некаков европски министер за финансии или супер-комесар, кога до сега без проблеми го игнорираа пактот за финансиска стабилност секогаш кога неговите одредби не им одговараа?

Доколку политичарите сега навистина се сериозни со откажувањето од „должничката економија“, тогаш тоа ќе претставува почеток на нова епоха - насекаде во Европа. Сите се навикнаа на тоа државата да троши многу средства и веќе создадените долгови да ги финансира со ново задолжување. Таквата забава меѓутоа сега дефинитивно заврши! И граѓаните веќе одамна сфатија што се случува и бараат рамноправна распределба на товарот на преголемите долгови. Старата игра со привлекување избирачи на празни ветувања, со нив веќе нема да функционира. Останува само да се надеваме дека притисокот од демократската база за вистински пресврт во Европа на тој план овој пат ќе биде доволно голем.

Автор: Кристоф Хаселбах

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска