1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Крај на аналогните кино проекции

Голем број кина во Германија веќе ги заменија своите проектори со нови,дигитални, бидејќи наскоро на пазарот веќе нема да има 35 милиметарски копии. За помалите кина,тоа е проблем бидејќи таа инвестиција не им се исплати

Повеќе од 100 години во кино салите ширум светот, филмовите беа прикажувани со аналогните проектори. Посетителите често се жалеа на бучавата, која во салите можеше да се чуе од просторијата каде се наоѓаат проекторите.

„Всушност проблематична беше вентилацијата која гарантираше дека проекторот нема да се прегрее. Проблемот беше во тоа што системот за разладување мораше да биде вклучен постојано, бидејќи ако проекторот дојде до температура од 30 степени, автоматски се исклучува“, објаснува Кристијан Гиси, менаџер на германскиот „Синемакс“(Cinemaxx AG)

Уште една година за модернизирање на салите

На средината на јули заврши реконструкцијата на последната сала на „Синемакс“, многу популарен кино комплекс во Германија, што значи дека во иднина во сите сали, филмовите и рекламите ќе бидат со дигитална проекција. Тоа е прилично голема инвестиција, дури и за познатиот ланец на кина, како овој. „Синемакс“ вложи за една сала дури и до 100.000 евра. Причината е поголемиот напон на струја. Дигиталните проектори, имено, бараат поголемо напојување, а со тоа се и поскапи за одржување.

„Може да рече дека трошоците се осум пати поголеми. Кога ќе земете се во предвид: инвестициски трошоци, разни дополнителни трошоци, потоа трошоците за перосонал... нема крај на списокот!“, додава Гиси.

Deutschland Kino Film digitaler Filmprojektor Digitalprojektor

Дигиталните проектори бараат поголемо напојување на струја, што ги прави и поскапи

За такво детално и скапо реновирање на кината веројатно не би ни размислувале, да нема притисок од филмските дистрибутери. Тие веќе не сакаат да вложуваат во аналогна технологија, која е прескапа и непрактична. Во текот на наредната година се очекува да запре дистрибуцијата на филмови во аналоген, 35 милиметарски формат. Во Германија сите кина се известени дека имаат уште една одина да ги обноват своите сали и опремата, во спротивно нема да имаат што да прикажуваат.

Затворање на некои кина

Јоханес Кингспорн од Здружението на филмски дистрибутери не верува дека ќе има големи проблеми. Тој вели дека нарачката на аналогните копии и онака е намалена. Кингспорн признава дека некогаш за големите филмски наслови, за германски пазар, било неопходно да се набават 1.000 копии. Тоа повеќе не е случај. „Сега за целиот пазар се нарачуваат од 10 до 15 копии. Мислам дека на сите им стана јасно колку е скапо, а при тоа не се гарантира сигурна заработувачка“.

Кингспорн е во право бидејќи 80 отсто од кината во Германија веќе ги дигитализираа своите проектори. И останатите ќе го направат тоа во наредните неколку месеци. Постојат дури и специјални програми за помош на помалите кина, кои не успеваат да ги покријат трошоците за дигитализација. Меѓутоа, за да го исполнат условот за финансиска помош, мора да остваруваат минимален профит.Тоа би можело да доведе до затворање на некои кина.

„Често станува збор за кина кои немаат секојдневна програма. Тоа се таканаречените филмски клубови или многу мали кина, кои не даваат само проекции на филмови, туку и разни други културни манифестации. Тие го немаат прометот кој ги задоволува овие критериуми“, вели Кристијан Бројер од фирмата Кино Гилд АГ и Здружението на германски уметнички кина.

Publikum im Kinosaal

Со дигитализацијата програмата може полесно да се прилагоди на интересот на публиката

Таквите кина тешко дека ќе можат да ги дигитализираат своите сали. Но и големите нема да можат да сметаат на пристојна заработувачка додека не ги исплатат големите трошоци. Поради тоа скоро сите кино комплекси размислуваат да ја сменат бизнис стратегијата. „Предност на дигитализацијата е во програмската флексибилност“, објаснува Бројер. „Дигиталните копии полесно и поевтино се умножуваат и дистрибуираат. Малите кина имаат своја програмска политика. Тоа се разновидни филмови кои не доаѓаат само од Холивуд. Станува збор за разни германски и европски филмови, како и филмови од целиот свет. Ако се дигитализираат, полесно ќе дојдат до копија, ќе бидат пофлексибилни“.

Дали се` ова се исплати?

И на менаџерот на „Синемакс“, Гизи, му одговара флексибилноста која доаѓа со дигитализација на кината. Програмата може полесно и побрзо да се прилагоди на интересот на публиката, зависно од продажбата на карти. Истовремено, дигиталните проектори овозможуваат директен пренос на спортски и културни настани.

„Во сабота навечер, на пример ја пренесуваме програмата на Метрополитен операта во Њујорк. Ја дававме веќе и Вагнеровата опера од фестивалот во Бајројт. Сето тоа, без дигитализација, е незамисливо“.

Но дали дополнителната кино програма ќе го зголеми прометот? Или за почеток, барем да ги исплати големите трошоци?