1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Крај за илегалните јахти на хрватскиот Јадран

Со влезот на Хрватска во ЕУ секој брод и јахта во марините во земјата мора да се оцаринат и оданочат. Оние, кои го сторија тоа до 31. мај, поминаа најдобро, со доплата на ДДВ од само 5 наместо 25 проценти.

default

Брзи и скапи бродови и јахти на хрватскиот Јадран. Бизнисот со марините е еден од столбовите на хрватската економија. Работите се вршат дискретно, скриено зад ѕидови како кај марината на Догус групата. Снимањето е забрането.

За тоа има и причина, вели Милан Вончина експерт за овој бизнис во Хрватска. Бидејќи, многу често станува збор за бродови: „... кои не се царинети во земјите под чие знаме пловат, за кои не е платен данок на додадена вредност и за кои соодветната влада не прашала од каде потекнуваат парите со кои се купени.“, вели Вончина.

Ефтина хрватска тарифа

Но, на ова му дојде крај бидејќи Хрватска ги одвои легалните сопственици на бродови од затајувачите на данок.

Бродовите сега мора да се оцаринат и оданочат. Оние, кои го сторија тоа до 31. мај, како Германецот Петер Бемер, поминаа најдобро, оти до тој рок сите странски бродови можеа да бидат регистрирани во Хрватска со доплата на ДДВ од само 5 проценти.

„Се надевам дека на тој начин со бродов се вклопив во европската даночна регулатива. Сакав да си го платам данокот и да бидам мирен ако некогаш повторно го внесам бродот во Германија“, вели Бемер.


Но, ова се' уште не е сигурно, бидејќи членките на ЕУ треба да решат дали ќе ја прифатат евтината хрватска тарифа - а со тоа и големиот даночен подарок, меѓу другите и за Петер Бемер. Оти, ДДВ-то во Хрватска вообичаено изнесува 25 проценти. Германците кои имаат јахти затоа веруваат: „... дека Хрватска се плаши - ако удри со голема ластегарка и почне да смета ДДВ по стапка од 25 проценти, а уште евентуално и царина, некои сопственици на бродови би можеле и да ја напуштат земјата“, истакнува Бемер.

Во Црна Гора или Турција

Многумина веќе си заминаа, особено сопствениците на големи јахти - кои нешто сокриваат; барем добро упатените се убедени во тоа. Пашко Клисовиќ директор на фирмата НЦП Чартер истакнува: „Луѓето имаа избор: да платат ДДВ со пониска стапка во Хрватска, што значи да ја легализираат нивната сопственост, нивните бродови - или да одат во земји кои не се членки на ЕУ, како Турција, и таму да ги засолнат јахтите и да не платат данок“.

Турција или, уште по едноставно, тука - во Црна Гора. Јужниот сосед на Хрватска е рај за богатите странци и нивните мегајахти. Притоа се' е легално, барем додека Црна Гора не стане членка на ЕУ - а тоа би можело да потрае.