1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Крај за гратис возењето на германските автопатишта?

Меѓу германските политичари владее убедување дека патиштата во земјата не се доволно добри и оти во нив треба да се вложат многу пари. Од каде? Предлогот на ЦСУ за патарини за странци делуваше како шега, но сега...

Над 50.000 километри автопат минуваат низ Германија, одржувањето не е ни малку евтино. Наредната влада ќе мора да издвои 7 милијарди евра до 2017. година. „Особено има големи проблеми со мостовите. Многу од нив во минатото беа затворени, а во тек се големи санации кои носат потешкотии“, вели за ДВ Александар Ајзенкопф од Универзитетот во Фридрихсхафен. Но кој треба за тоа да плати? Сега само возачите на камиони од земјата и странство плаќаат патарина за поминатата делница од автопатот и тоа ако им е возилото потешко од 12 тона.
За Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), баварската сестринска партија на Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел, еден од условите за формирање коалициска влада е во иднина и возачите на автомобили да плаќаат за користење на патиштата. Но со тоа не се мисли на германските возачи. Шефот на партијата Хорст Зехофер бара „патарина за странци“.

„Тоа е чиста политичка пропаганда“, вели Ајзенкопф. Критичарите до сега му забележуваа на Зехофер дека ги залажува избирачите и оти според европското право не е можно странци да плаќаат патарина, а Германците не.

Вињети или патарина?

ЦСУ предлага модел на вињета како онаа во Словенија или во Австрија: возачите плаќаат паушална сума за користење на автопатите на одредено време. Во Австрија, на пример, постои вињета за период од една година, 2 месеца или 10 дена. „Тука се систематските трошоци релативно ниски“, вели Еберхард Ротер, портпарол на баварската пратеничка група за сообраќај. „Ништо нема да ни значи ако со вињета добиеме една милијарда евра, а систематските трошоци изнесуваат 800 милиони евра. Целта мора да биде - повеќе пари за изградба на патишта.“

Високи трошоци настануваат кај патарините врз основа на преминато растојание, какви што постојат во Франција и Италија. Моделот е технички многу посложен, а и многу е поскап за возачите на автомобили. Тие во Франција за 100 километри автопат плаќаат 5 евра. Една вињета за цела година во Германија би можела да изнесува 100 евра, вели политичарот од ЦСУ и веднаш објаснува: „Јасно е дека и возачите на домашни автомобили тогаш ќе мораат да поседуваат таква вињета“, вели Ротер.

Значи би плаќале и Германците. Меѓутоа, проблемот е во тоа што тогаш државата на своите граѓани би им го намалила данокот на патнички возила, за да бидат на нула.

Даноците се, потсетува Ротер, работа на државата членка, и тука ЕУ не може да се меша. Неговиот став го потврди и европскиот комесар за сообраќај Сим Калас - Германците во случај на воведување патарина би можеле да бидат растоварени во друг дел.

Колку пари носи тоа?

Критичарите на ЦСУ како некој да ги попари со врела вода. Досега веруваа во Брисел. Сега преминуваат на прашањето - колку воопшто пари може да донесе патарината ако ја плаќаат само странци? Ралф Реш од АДАЦ вели дека уделот од странски возила изнесува околу 5 проценти и оти „тоа максимално би изнесувало 262 милиони евра“. Ситница во споредба со 7 милијарди кои во наредните 4 години треба да се вложат во патиштата. Ако навистина би плаќале и Германците (и тоа не би им било вратено со данок), тогаш веќе би се собрале 4 милијарди.

Критичарите потсетуват дека германските возачи веќе уплаќаат 53 милијарди евра годишно во државната каса преку данокот за патнички возила или данокот на додадена вредност. Помалку од третина од тие приходи навистина одат за сообраќајна инфраструктура. „Луѓето би биле подготвени да платат дополнителни суми кога би виделе дека парите навистина и се користат за одржување на улиците“, вели Ајзенкопф.