1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кратење на долгите краци на НСА или сепак не?

Американскиот претседател Барак Обама денеска (17.01) треба ди ги претстави плановите за реформа на разузнувачките служби во САД, во време кога светот дознава дека НСА е во можност да шионира и исклучени компјутери.

Разузнавачката служба НСА може да шпионира компјутери дури и ако тие не се поврзани со интернет. Судејќи според извештајот на „Њујорк Тајмс“, за тоа се користат специјални „радио бубачки“, кои веќе се инсталирани во 10 илјади компјутери.

Програмата се нарекува „Квантум“. Така инаку се нарекува тајната организација против која се бори Џејмс Бонд во последните филмови. Но реалноста одамна ги надмина филмовите. Тајната служба на САД, НСА, може да шпионира компјутери дури и кога не се поврзани со интернет.

„Квантум“ функционира слично како и „бубачките“ за прислушување телефони. Агент мора да ја постави односно вгради посебно подготвената „радио бубачка“ во компјутерот. Тоа може да се стори преку УСБ-картичка или со замена на делови на компјутерот директно кај произведувачот. Бубачката испраќа радио сигнали, кои ги дочекува приемник, оддалечен неколку километри.

„Њујорк тајмс“ пишува дека НСА досега поставила такви бубачки во околу 100 илјади компјутери, кои на пример ги користат руската и кинеската војска, трговци со дрога во Мексико, трговски институции на Европската унија или Пакистан - таму каде што е убиен Осама бин Ладен.

Реформа на разузнавачките служби

НСА го користи овој метод веќе пет години: „Целта беше пристап до инаку непристапни податоци“, вели за весникот експертот за безбедност Џејмс Луис од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон. Меѓутоа, преку радио брановите, НСА може во компјутерите да уфрли програми: на пример програма која го регистрира секој допир на тастатурата.

Сето тоа излегува на виделина во пресрет на седницата (17.01) на која Барак Обама сака да ги претстави своите планови за реформа на разузнавачките служби. Некои информации веќе продреа во јавноста, па однапред може да се каже дека не претстои револуција на тајните служби во САД и оти во реформата станува пред сѐ збор за приватната сфера на Американците. „Се надевам дека претседателот ќе ги следи препораките на својот експертски тим, имено, телефонските мета податоци да се чуваат во телефонските компании, а не во НСА“, рече конгресменот од редовите на демократите Адам Шифер.

Но ни тоа не е сигурно. Според „Њујорк тајмс“, претседателот сака тие т.н телефонски мета податоци (кој, кога, со кого разговара) и во иднина да останат во рацете на тајните служби.

Поголема заштита на приватноста на странците?

По големата огорченост и гнев во Германија и во други земји и приватноста на странците би требало да биде подобро заштитена од очите и ушите на американските разузнавачки служби. Деталите во наредните месеци би требало да ги разработи една работна група, пренесува „Њујорк тајмс“.

Конгресменот Шифер од Калифорнија се надева дека претседателот ќе ги поддржи американските интернет фирми кои стравуваат за својата работа во ситуација кога тајните служби имаат право да ги шионираат сите податоци. „Сакам да чујам од претседателот дека можеме повторно да воспоставиме доверба кај странците, така што тие би можеле да работат со нашите интернет фирми и притоа да се почитува нивната приватност“, вели Шифер.

Меѓутоа, во САД никогаш не станало збор за специјални договори за нешпионирање со поединечни земји. За тоа нема да стане збор ниту на оваа средба. Прашање е значи каква утеха претседателот Обама воопшто може да понуди во врска со „Квантум“.