1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кралот на обложувалниците в затвор, но бизнисот оди натаму

Минатонеделното апсење на сингапурскиот „крал на обложувалници“ Дан Тан, според проценките на експертите е важен чекор во борбата против обложувачката мафија. Важен чекор кој не го решава конечно основниот проблем.

Повеќегодишното играње „ мачка и глушец“ со полицијата конечно е приведено до крај: минатата недела полицијата во Сингапур го уапси Енг Тан Сет, познат како Дан Тан, „кумот“ на глобалната обложувачка мафија. На полицијата и‘ требаше долго време, и покрај фактот дека Дан Тан јавно се фалеше пред новинарите со своите огромни заработки. Тој се пофали годинава во германскиот неделник „Шпигел“ дека на само еден наместен натпревар, а стануваше збор за еден натпревар на италијанската „Серија А“, заработил преку 15 милиони евра. Токму од Италија дојде и барањето за негово апсење. Јавното обвинителство во Кремона, Дан Тан го смета за човекот „број 1“ на глобалната обложувачка мафија.

Малку ризик- голема заработка

„Според информациите кои ни се на располагање, Дан Тан е клучното лице кое в рака држи сите конци“, рече за ДВ италијанскиот јавен обвинител Роберто ди Мартино. Досега Дан Тан можеше во потполност да се потпре на благонаклонетоста на домашната полиција. Барем сѐ додека своите „операции“ ги извршуваше надвор од територијата на овој град-држава. Но изгледа дека овој премолчен договор веќе не важи. Интерпол апсењето на „кумот од Сингапур“ и неговите најблиски соработници го окарактеризира како „еден од најважните удари на патот кон разбивање на меѓународниот обложувачки картел.“

Бизнисите на Дан беа секако тесно поврзани со активностите на „колегите“ во Европа. Јавното обвинителство во германскиот град Бохум, кое е задолжено за обложувачките манипулации во Германија и кое веќе зад решетки испрати неколку виновници од германската обложувачка гранка, вклучувајќи ги и браќата со хрватско потекло Шапина, во моментов ги испитува врските на „сингапурскиот кум“ во Германија. „Дан дејствуваше како некој брокер на берза. Тој парите на своите клиенти ги вложуваше на оние натпревари кои неговите луѓе претходно ги манипулирале“, вели поранешниот главен истражител на ФИФА, Крис Итон за ДВ. Тој проценува дека манипулираните облози чинат 2 до 3 проценти од вкупниот глобален обложувачки промет. „Тоа е работа со мал ризик и огромни изгледи за заработувачка“, вели Итон.

Бизнисот оди натаму

Андреас Краних, раководител на фирмата „Спортрадар“, која се занимава со надгледување на обложувачкиот пазар, проценува дека секој стотти натпревар е манипулиран. „Кај околу 300 натпревари годишно во Европа забележуваме некои чудни промени кои единствено можеме да ги поврземе со манипулации“, вели Краних. Дали токму уапсениот Дан Тан е одговорен за сите тие манипулации, тешко е да се каже. Истражителите зборуваат за „уште најмалку 4 лица од категоријата на Дан.“ И Ралф Мучке, катуелниот главен истражител на ФИФА смета дека улогата на Дан Тан е предимензионирана и оти тој пред сѐ имал „симболична важност“. Според тоа, да се верува дека по апсењето на Дан спортот е чист, е повеќе од наивно, проценуваат стручњаците.