1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кралицата на соул музиката слави роденден

Пееше за правата на американските црнци. За неа велат дека е „кралица на соул музиката“ и еден од најголемите гласови на сите времиња. Денеска Арета Френклин полни 70 години.

Ако некој се прашува, зошто соул музиката се нарекува токму така, тогаш треба да ја слушне кралицата. Кога пее Арета Френклин до израз доаѓаат душата и чувствата.

Родена е во Тенеси, во дрвена куќичка со само две соби. Родителите и‘ се преселиле во место во близина на Детроит и наскоро потоа се развеле, а Арета пораснала кај баба и‘. Со пеење почнала во црковниот хор и на помали бини. Но, набрзо го привлекла вниманието на издавачките куќи, така што и во младоста добро ги продаваше своите песни. Имаше само 23 години кога настапи во едно телевизиско шоу и кога за првпат беше наречена „кралица на соул музиката“.

Песната насловена „Respect“ не беше нова, но начинот на кој во 1967 ја испеа Арета Френклин беше поттик за милиони црнци во Америка, кои протестираа поради нивното вековно угнетување и за себе бараа токму почитување на правата, кои важеа и за другите. „Јас и повеќето црнци во Соединетите Американски Држави“, изјави своевремено Френклин, „се погледнуваме по вторпат во огледало. Не дека претходно се срамевме од себе си, туку за да почнеме да се почитуваме, онакви какви што сме“.

Aretha Franklin

Соул легендата Арета Френклин во седумдесетите години

Арета Френклин уште тогаш беше „кралица на соул музиката“ и можеше да пее што сака и тоа не само на бините и во студијата, туку и на протестните манифестации. Пееше на протестите на движењата на црнците за нивните граѓански права на кои беше и пријателот на татко и‘ - Мартин Лутер Кинг. „I have a dream“ изјави Кинг на 28 август 1963 година на масовниот протест за слобода и еднаквост во Вашингтон, на кој учествуваа 250.000 луѓе.

Во седумдесетите години се појави нова музика- диско, за Арета Френклин настапија помирни времиња и поради приватни причини. На сцената повторно се врати во текот на осумдесетите години со албумите „Who's Zoomin' Who“ или „A Rose Still a Rose“ и веќе беше легенда.

Со неа пееја големи музички великани како Ени Ленокс, Елтон Џон, Џорџ Мајкл или Паф Деди.

Einweihung des Martin-Luther-King-Denkmals durch Obama in Washington

Френклин пееше на инаугурацијата на Клинтон и Обама

Арета Френклин пееше на инаугурацијата на претседателот Бил Клинтон во 1993 година, како и на Барак Обама во 2009 година. Пред 25 години беше првата жена што влезе во музејот Rock and Roll of Fame во Кливленд во Охајо, каде всушност се наоѓа целата историја на музиката.

Без оглед на годините Арета Френклин сака и натаму да настапува, иако во последно време престојуваше во болница. Храброста и оптимизот таа не ги загуби. Кога неодамна во интервју за едно списание беше запрашана која е љубовта на нејзиниот живот, Френклин одговори: „Љубовта на мојот живот? Се’уште сум премногу млада за да можам да Ви одговорам на тоа прашање“.