1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Крадците ја празнат македонската културна ризница

Македонија е депо на археолошки објекти интересни од научен и културен аспект. Но со децении тие се изнесувани од земјата поради што Македонија е соочена со прашањето на заштитата на ова богатство од крадци.

default

Иконите лесно се пренесуваат преку граница

Последнава деценија во Македонија може да се нарече период на ренесанса кога станува збор за заштитата на богатото културно наследство. Реставрации, дооткривања на одредени локалитети, истражувања. Милиони денари буџетски пари завршија во оваа област. Светската криза го забави тоа темпо, а некаде дури запреа сите активиности.

Истражувања во Марвинци

Директорот на Управата за заштита на културното наследство археологот Паско Кузман смета дека истражувањата значат и заштита на овие артефакти кои имаат непроценлива вредност.

Како најграндиозни годинава ги издвои истражувањата на 5.000 гробнции од 7 век пред нашата ера кај Исар-Марвинци: „Со истражувањето се открија над 2.500 гробови само оваа и минатата година. Годинава таму работеа 750 луѓе. Со што ова е монументален зафат дури во рамките на Европа. Тоа е најголемата заштита на вакви арехолошки локалитети. За тоа што истиот локалитет долги години беше опседнат од романтични истражувачи, од диви копачи кои што пред да ја вклучиме археолошката стручна машинерија имаа откриено над 1.000 гробови. И тие дупки зјаеа пред сите нас отворени, ограбени и празни.“

Богатството се изнесува од Македонија

Чудни се патиштата на крадците: од Македонија низ Европа, па дури и САД, вели Кузман: „Во една ноќ откриена е една голема гробница од 6 - 5 век пред нашата ера, со огромно богатство кое што е тајно и на недозволен начин пренесено во Швајцарија, од таму во Англија и потоа на аукција во Америка. И денеска ние знаеме за толку споменуваниот бронзен кратер, кој има исклучително голема арехолошка вредност и којшто се наоѓа во Њујорк. И тоа точно знаеме кај семејството Шелби.“

Иконите и предмети од злато се шверцуваат најчесто, потврдува археологот Паско Кузман: „Во 2007 година, како што знаете вративме 238 археолошки предмети скриени во вреќи со грав. Беа пронајдени во еден камион на границата меѓу Хрватска и Словенија. Беше докажано дека тие се од Македонија, целиот тој канал беше запрен, а предметите ги вративме назад и сега се изложени во Музејот на Македонија во Скопје. Најподатливи за кражба се археолошките предмети, од злато, сребро и бронза. Особено златната грозница од секогаш постоела и постои. Тие се мали предмети и можат лесно да се пренесуваат“.

Соработка за спречување на каналите на дивите копачи

Експерти од Управата за заштита на спомениците секојдневно се во дослух со полицијата. Успехот е евидентен: „Во последно време имаме 10 - 15 случаи каде што приватно по домовите, на границите или на самите терени, од страна на МВР се откриени и евидентирани кражби. И ние не можеме да престигнеме од обиколка на тие простори и од експертизи на предметите коишто тие ги собираат. Многу групи завршија и пред судските органи.“

Иконите треба да бидат заштитени

Ausstellung Der Kreml Gottenruhm und Zarenpracht

Строгите и непроменети, меѓународни закони Македонија ја прават посирмашна за илјданици артефакти кои наместо нејзините музеи ги красат поставките во Белград, Софија, Москва и други земји. Дел од нив се знаат каде се, а од остатокот немаме ниту фотографии, туку немо ги гледаме на светските изложби, желни да станат сопственост на Македонија од кадешто потекнуваат, потенцира за Дојче веле, историчарот на уметност Милчо Георгиески од Охрид: „Во 30 години од минатиот век една многу вредна икона на која од едната страна е насликана Богородица од Ивитрија, а од другата е Благовештението нашите сограѓани му ја подариле на тогашниот крал Александар во знак на благодарност за се’ што сторил за Охрид. Денеска за жал, таа икона се наоѓа во Народниот музеј во Белград и ние единствено можеме да ја видиме по меѓународните изложби по светот.“

Сличен е примерот со уште една вредна икона која завршила кај Тито, а сега никој не знае каде е, вели Георгиески. Кражбата на 13 икони од манастирот Свети Наум ивршена во 1985 се’ уште не е расветлена, а за неполн месец десеттина икони неповратно исчезнаа од црквите во околината на Струга. Георгиески предлага највредните икони да бидат заштитени и физички, но и стручно. Најдобро е црквата да дозоволи да се сместат во музејските депоа. Зашто како што вели тој, се’ што е пронајдено и останато по црквите и музеите низ Македонија не е сопственост на државата, ниту на црквата, туку на сиот македонски народ. Само заштитени тие ќе бидат најдобри сведоци за културните цивилизациски слоеви во Македонија од минатото за иднината.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска