1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој ќе ја каже вистината за Грција?!

Министрите за финансии на еврозоната повторно не успеаја да се договорат за новиот пакет помош за Грција. Хенрик Беме во следниот коментар пишува дека треба да се престане со манипулациите и да се каже вистината!

Наскоро се навршуваат три години откако земјите од еврозоната се обидуваат да и’ помогнат на Грција да застане на свои нозе. Оттогаш се изредија десетици „одлучувачки недели“, но само со еден исклучок, ниту еднаш не беше донесена навистина важна одлука. Тој исклучок беше одлуката на Грција да и’ се намали долгот за 100 милијарди евра. Потоа се продолжи со коцкањето, до следниот самит, до следната средба, до следниот извештај на Тројката до „свети никогаш“.

И овојпат се случи истата приказна. Министрите за финансии повторно укажуваа на важноста на состанокот одржан во вторникот, но вторникот дојде и помина, а решение повторно не се најде. Одлуката ќе биде донесена следната недела. Значи, следува нова „одлучувачка недела“? Ништо од тоа, натегањата ќе продолжат!

Европа одлучи да ја задржи Грција во еврозоната и покрај тоа што секому му е јасно дека таа земја е вреќа без дно, без способност да тргне по нов пат. Да, Грците ги прифатија новите мерки за штедење и острите кратења. Но, тамошната економија, токму поради тие мерки на штедење, никако не може да застане на нозе. Економскиот потенцијал постојано опаѓа, а со иста брзина расте планината долгови.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft

Хенрик Беме

Сонот за спас пропадна

И сега, по три години залудна помош со гаранции, кредити, долгови, јасно се гледа: сонот за спас на Грција пропадна! Конечно е време политичарите во Европа на своите гласачи да им кажат: Жал ни е, се обидовме, но доколку навистина сакаме да и’ помогнеме на Грција, тоа ќе чини многу. Колку милијарди за која варијанта, дали простување на долговите или исклучување од еврозоната, тоа не може никој точно да го предвиди. Ниту може да се предвиди какви ќе бидат последиците од таквата одлука за остатокот од Европа.

Всушност, единствената добра работа е што ММФ е против таа пракса и јасно соопшти дека нема да учествува во таквите манипулации. ММФ се држи до својот принцип дека кредит ќе добие само оној кој може истиот и да го врати. Тоа мора конечно да го видат и политичарите, особено оние во Берлин, кои упорно го одбиваат секое решение.

Тоа беше така и пред првото простување на долговите, а и сега лагите и тактизирањето го одложуваат донесувањето на вистинското решение. Исто така е скандал кога ќе се слушне дека „Атина мора да се држи во живот уште една година додека не минат парламентарните избори во Германија“. Тоа на крајот скапо ќе го плати и канцеларката. Таа сега има можност на граѓаните да им го каже она што одамна требаше - вистината.