1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој ќе одговори побрзо - Брисел или СДСМ?

Денеска се очекува СДСМ да одговори на предлогот на премиерот Никола Груевски – комисиски извештај или предвремени избори, но не е исклучена и медијација на меѓународната заедница за надминување на несогласувањата

Или изгласајте извештај за 24 декември по ваша мерка или ќе одиме на предвремени избори на 13 октомври. Ова е „ракавицата" што премиерот Груевски му ја фрли на опозицискиот СДСМ, откако пропаднаа обидите да се усогласи и изгласа извештајот за настаните од 24 декември минатата година. Во вчерашнато јавно обраќање премиерот нагласи дека одговорот го чека веднаш, а најдоцна до денеска (25.08).
Од СДСМ воздржано најавуваат дека ќе одговорат во текот на денот. Од друга страна, дипломатски извори упатени во работата на Комисијата, тврдат дека претставници на меѓународната заедница се изненадени од ваквиот развој на настаните.

„ Кога стана извесно дека ставовите во Комисијата нема да се усогласат во договорениот рок, а имајќи предвид дека имаше одредени позитивни придвижувања кои не заслужуваа да останат неефектуирани заради интерното самоограничување на роковите, беше договорено да му се даде дополнително време на зреењето на финалното решение. Разговорите во саботата првично требаше да продолжат меѓу претседателот на Комисијата, господинот Давитковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но двете страни во тој момент не покажаат идентичен интерес за таква средба, па обидот заврши без успех. Секако, тоа не значи дека денеска или утре не може да седнат на иста маса. Веројатно во тој момент сите почуствуваа замор, но утре е нов ден “ велат нашите извори.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski

Премиерот Никола Груевски

Според нив, ќе продолжат дипломатските напори за комисиско решавање на проблемот. „Проблемите се решаваат во институциите, телата, комисиите... Ако за окончување, а не за решавање на секој проблем се организираат избори, земјата ќе влезе во состојба на перманентен изборен процес, а тоа значи дека развојната општествена енергија нема да биде насочена кон државните приоритети, туку кон постојан меѓупартиски натпревар, кој ќе стане цел сама за себе. Земјата треба да стекне институционална меморија, а не изборно секојдневие 'заверено' со сознанието дека недостига капацитет за дијалог, кој е темел на политичката култура и меѓупартиските односи", велат тие.

Избори пред извештајот на ЕК

Премиерот Никола Груевски, како излез од ситуацијата, вчера побара одржување на предвремени парламентарни избори на 13 октомври, три дена пред пристигнувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија.
„ Предлагаме Комисијата да се собере веднаш и да изгласа извештај со надгласување. Ако Давитковски не сака да гласа вака, подготвени сме да прифатиме кого сакаат за претседател, па и самиот Бранко Црвенковски. Со тоа ќе добиеме партиски извештај и целата јавност ќе знае дека е така, но барем ќе го имаме. Ако ова е неприфатливо, веднаш во понеделник на итна седница да распишеме вонредни парламентарни избори. Претходно да потпишеме извештај со правни квалификации по мерка на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе важи само ако ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови на изборите, но и еден извештај со квалификации по мерка на СДСМ, кој ќе стапи во важност доколку СДСМ освои повеќе гласови на изборите. Во понеделник е последниот ден во кој може да се распушти парламентот, а избрите да се одржат пред објавувањето на извештајот за Македонија во Брисел. Па нека одлучи народот, каде е вистината и кои луѓе сака да ја водат земјата во наредните години. Со ова еднаш за секогаш ќе се затвори ова прашање и ќе се одбегне негативен извештај за Македонија", рече Груевски.

ДУИ против избори

ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, уште пред неколку дена испрати сигнали, а денеска се очекува и децидно да го соопшти својот став по прашањето за можни избори.

„За нас е важно Комисијата да ја заврши својата работа и да даде заклучоци кои ќе бидат само во функција да спречат истото да не се повтори и да елиминираат една важна пречка од интегративниот пат, но не и во функција на партиски интерес од која било страна", изјави за Дојче Веле портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Politik Skopje, Mazedonien

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев

Тој тогаш не даде дополнително објаснување на кои партиски интереси мисли. Но, аналитичари упатени во состојбите во албанскиот политички блок сметаат дека ако се усвои извештај во кој ќе се констатираат „уставни прекршувања", тоа и дава право на опозицијата да се повика на делот од договорот од 1 Март, за разговори за предвремени избори. Според аналитичарите, тоа можеби и одговара на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на ДУИ во овој момент. Според нив, ДУИ наводно стравува дека „поради одредени изменети констелации, партијата победник во албанскиот блок можеби нема по автоматизам да влезе во владејачката коалиција, туку гласот на Албанците ќе биде претставен на поинаков, дисперзиран и индивидуален начин, преку други партиски субјекти".

Спротивставени ставови

Груевски вчера го потенцираше децидниот став на ВМРО-ДПМНЕ за 24 декември: „СДСМ во неколку наврати го прекрши Уставот противуставно блокирајќи го работењето на Парламентот и спречувајки го претседателот на парламентот, комисиите и самиот парламентот во неговата работа".

Лидерот на СДСМ, со спротивна оценка: „На 24 декември, Груевски донесе одлука, а Трајко Вељаноски ја прифати. Одлуката беше да се испратат полицајци во Парламентот со наредба да се исфрлат од собраниската сала прво новинарите, а потоа опозиционите пратеници. Секако, однапред знаејќи дека притоа по неколку основи се крши Уставот на Македонија".

Аналитичарите засега се воздржуваат јавно да го коментираат предлогот на Груевски, но забележуваат дека не е политички коректно да се условува оценката за 24 декември со тоа кој ќе победи на превремени избори. Според нив, тоа наликува на предлогот на Црвенковски кој како услов за прекин на бојкотот, бараше гаранции дека ако опозицијата освои еден глас повеќе на локалните избори, да се оди и на парламентарни.

Сепак, поголемиот дел од аналитичарите прогнозираат дека избори нема да се случат.