1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кој ќе игра со Бајерн во финале?

Бајерн Минхен е првиот финалист во Купот на Германија. Во второто полуфинале денеска (17.04) Штутгарт игра против Фрајбург. Фаворити нема, шансите се 50:50.

Ако Фрајбург стигне до финалето на Купот, тоа би била премиера. Но тренерот Кристијан Штрајх, за да го намали притисокот врз своите играчи, го релативизира значењето на полуфиналето: „Ова за нас е нормален натпревар“, вели Штрајх и укажува дека за Штутгарт значењето на натпреварот е поинакво: „За Штутгарт натпреварот има поинаква важност, зашто повеќе се тие оние што би морало да победат.“

Тренерот на Штутгарт Бруно Лабадиа, пак, проценува дека шансите се 50:50. Според него, „само мали нијанси“ ќе бидат одлучувачки кој ќе победи и ќе се најде во финале.

Фудбалерите на Бајерн Минхен (фото горе) се првите финалисти во купот на Германија, откако во полуфиналето го прегазија Волфсбург со 6:1. Манџукиќ и Робен по половина час игра му донесоа предност од 2:0 на Баерн, која во финишот на полувремето ја намали Диего. Во второто полувреме Бајерн поведе со 3:1 со голот на Шаќири, а потоа Марио Гомез за само шест минути, од 80-та до 86-та, постигна три гола, со што го дотолчи противникот.