1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој ќе го наследи папата?

Најавата за повлекување од должноста на папата Бенедикт Шеснaесетти ги разгоре комбинациите за можниот наследник. Се бараат и нови правила на избор на нов папа.

Дебатата за реформа на врвот на католичката црква се разгоре веднаш по најавата на папата Бенедикт Шеснаесетти дека ќе се повлече од функцијата на крајот на февруари. Првата оставка на еден папа по повеќе векови би можела да ја подотвори вратата за ограничување на функцијата поглавар на Римокатоличката црква.

Истовремено, наголемо се шпекулира кој би можел да биде наследник на Бенедикт 16-ти, но јасен фаворит се‘ уште нема. На 28 февруари Бенедикт 16-ти си заминува, по што во рок од 15 до 20 денови почнува Конклавата која треба да го избере неговиот наследник. Новиот папа би требало да биде избран до Велигден.

Како можни наследници засега се споменуваат, меѓу другите, надбискупот Анџело Скола од Милано и Питер Тарксон од Гана и Франсис Аринзи од Нигерија. Шанси им се даваат и на кардиналот Марк Ује од канадски Квебек и на надбискупот Тимоти Долан од Њујорк. Од Латинска Америка се споменуваат надбискупот од Сао Паоло, кардинал Ото Шерер и кардиналот Леонардо Сандри од Аргентина.

Келнскиот кардинал Јоахим Мајснер за „Келнер Штатанцајгер“ денеска (12.02) вели дека новиот папа би морало да има „слично високо образование како Јозеф Рацингер и големо човечко искуство, но пред се‘ да има виталност“. Според Мајснер, наследникот „не би требало да е постар од 70 години“.

Теологот Кнут Венцел од Франкфурт оценува дека оставката на папата ја принудува католичката црква на создавање нови правила за повлекување на поглаварите. На долг рок, според Венцел, не е невозможен и избор за определен период, како и можност за отповикување на еден папа.