1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој ќе ги прибере бегалците од Газа?

Ситуацијата во појасот Газа според Организацијата за бегалци од ОН е во спротивност со Декларацијата за човекови права. Секој има право да бега и да бара азил во друга земја поради војна, но соседот Египет се оглушува.

default

Скратено е основното човеково право на безбедност

Животот во појасот Газа за тамошното население од ден во ден е се‘ понеподнослив. Палестинците ја немаат ниту можноста да побегнат и да се засолнат од воените судири, што е вообичаено во војна, вели Рон Редмонд, портпаролот на Организацијата за бегалци на ОН, УНЦХР:

„Колку што знаеме, конфликтот во појасот Газа е единствениот во светот во кој населението не може да се засолни на безбедно место. Според Декларацијата за човекови права секој има право да бара азил во друга земја за да избегне прогонување и војна. И Палестинците треба да ја имаат таа можност .“

Israel Palästinenser Angriff auf Gaza

Израел и Египет не ја отвораат границата кон Газа

Кршење на Декларацијата за човекови права

Редмонд се повикува на членовите 13 и 14 од Декларацијата. Со своето членство во ОН Израел и Египет ја имаат прифатено и Декларацијата за човекови права. Но, единствените соседи на појасот Газа ги држат границите цврсто затворени и ги спречуваат Палестинците да побегнат од нападите. Колкумина би го напуштиле конфликтниот регион, Рон Редмонд не знае:

„Ситуацијата во појасот Газа во овој момент е толку драматична, што најголемиот дел од луѓето остануваат дома и воопшто не се движат. Но од искуство знаеме дека ако оружјето за момент замолчи, тогаш луѓето ќе бараат безбедни места. Ние сакаме отворање на границите, за луѓето да можат да избегаат ако се принудени на тоа.“

Во понеделникот Високиот комесар за бегалци Антонио Гутереш апелираше да им се овозможи на Палестинците да најдат безбедно место за себе. УНЦХР вети своја помош на земјите кои ќе примат бегалци од појасот Газа, вели Редмонд:

„Во соработка со владите ние можеме да побараме привремени прибежишта, тоа не значи дека бегалците ќе останат таму засекогаш. Постојат примери, како во конфликтот во Косово, кои покажуваат дека бегалците се враќаат во својата земја кога ќе престанат конфликтите во неа.“

УНЦХР е во преговори со повеќе земји. Се размислува меѓу другото и за кампови на египетската страна на границата со појасот Газа.






DW.COM