1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој ќе ги плати старите сметки за струја на Кипар?

Островот Кипар е поделен уште од 1974 година, а жителите на северниот, турски дел уште долго потоа ја трошеле „јужната“ електрична струја, не ни помислувајќи да ја поделат сметката. Сега Никозија се сети и на таа сметка.

Прашина дигна Кристоф Туфексис, еден од директорите на кипарската електродистрибутивна компанија Електриси Аторити оф Ципрус во разговор за весник на јужниот, што значи, меѓународно признаен дел од земјата- членка на ЕУ.

„Турските Кипрани не плаќале струја уште од 1963 година“, изјави тој и се‘ убаво пресмета.

Зашто, таквите рајски односи за потрошувачите на северниот дел од островот (по површина нешто помал од Косово, на пример) веќе одамна се завршени. Електраните, по воената интервенција на Турција, останаа на југот на островот и дури во 1996 година и северниот, турскиот дел од Кипар, набави свои генератори и престана да зависи од југот.

Но, за новиот директор не се работи за стари сметки, тој пресмета прилично „дебел“ износ. Зашто, тој на старите сметки ги додаде и инфлацијата, поскапувањата на горивото, па така дојде до сума која би можела да му помогне на Кипар да се извлече од финансиските тешкотии во кои моментно се наоѓа.

Кому да се испрати сметката?

Сметката според директорот изнесува над една милијарда евра.

„Тоа некој мора да го плати“, непопустлив е Туфексис:

„Ако не може да плати северниот дел од Кипар, тогаш мора да плати Турција, која тогаш и ја предизвика оваа несакана поделба на островот и која финансиски го помага северниот дел. Анкара мора да ги плати и сметките на тогашните потрошувачи“.

Но, овие стари неплатени сметки на Кипар допреа во осино гнездо, зашто на островот е многу важно кој кого воопшто го признава и кој со кого може службено да разговара: за јужните Кипрани, северниот дел е „окупирано подрачје“, кое го зазедоа турските воени сили во 1974 годинаоткако Кипар реши да се приклучи кон Грција.

Затоа на електродистрибутивната компанија на јужен Кипар дури и оваа изјава на еден од нејзините директори и‘ се чини дека оди предалеку во признавањето на статусот на окупираниот дел од островот, па портпаролот на фирмата Костас Гаврилидес побрза да објасни дека тој директор не е „службен претставник на компанијата“.

Исто така, тие не се надеваат на такви астрономски суми, изјави портпаролот. Сепак, тој потврди дека станува збор за 262 милиони евра за неплатени сметки, а никогаш не дошле во прашање камати, но беше претпазлив кој воопшто треба да ја плати сметката на потрошувачите од северниот дел.

„Ние тоа барање и‘ го испративме на признатата влада на Кипар, а не на турската заедница на Кипар. Ние разговараме само со институции кои се признати, па владата на Кипар треба да и‘ се обрати на турската заедница“, објаснува портпаролот.

„Ако сакаат наши пари, значи не‘ признаваат“

Се разбира, барањето на Туфексис во северниот, турскиот дел од островот веднаш сеобидоа да го интерпретираат како некое, барем индиректно признавање на тамошната управа која ја признава единствено една држава, Турција.

Така и професорот по економија на универзитетот во турскиот дел од Кипар, Ведат Јорку, смета:

„Јужен Кипар не ја признава нашата република, но ги сака нашите пари. Прво нека ја признаат Турската Република Северен Кипар, па потоа можеме да преговараме за такви работи на ниво на две држави“.

Турскиот професор не кажува како би завршиле таквите преговори и овие стари сметки ги поврзува со уште постари, потсетува на почетокот, стекнувањето независност од Британија на почетокот на 1960-те: целото електростопанство е создадена за добробит на сите граѓани, па така и постројките на јужниот дел припаѓаат всушност и на турските жители на Кипар.

Тој се сети и на инцидентот во 2011 година и експлозијата во електраната на југот на Кипар, кога јужниот, грчки дел од Кипар трошеше струја од северниот дел и уредно си ја плати сметката. Но, не разбира зошто се мафта со тие прастари сметки, потсетувајќи дека не е јасно кој кому треба да плати за водоснабдувањето на островот.

Во секој случај, додека во северниот дел едвај дочекаа да зборуваат за овие прашања, во јужниот, меѓународно признат дел од Кипар, освен портпаролот на електраната, тамошните политичари избегнуваат впуштање во оваа опасна тема. Зашто, дури и да се работи за милијарди, а не само за стотици милиони, тоа не еништо во споредба со „високата политка“.