1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој ќе биде претседател на Хашкиот трибунал?

Денеска (01.10.) судиите во Хашкиот триибунал ќе го изберат новиот претседател. Сега на функцијата се наоѓа Теодор Мерон, а потпретседател е Кармел Аџус. Тие се кандидираа за уште еден мандат, но имаат и противкандидати

За првпат гласачкото тело од 18 судии во Хашкиот трибунал ќе мораат да се определат меѓу двајца кандидати за претседател и за исто толку потпретседатели. На најстариот судија во Трибуналот, кој има 83 години, ќе му се спротивстави еден од најмладите – јужнокорејскиот судија О-Гон Квон, кој има 60 години. На актуелниот потпретседател на Трибуналот, Малтежанецот Аџус, противкандидат му е холандскиот судија Алфонс Ори.

Theodor Meron ARCHIVBILD Präsident Internationaler Strafgerichtshof für das ehemalige Jugoslawien

Теодор Мерон, актуелниот претседател на Трибуналот, се кандидираше за уште еден мандат

Квон и Ори во овој момент претседаваат со советите кои водат постапка против Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Мерон и Аџус по функција се членови на Жалбениот совет. По аферата од ова лето, која следуваше откако медиумите ширум светот објавија писмо од данскиот судија Фредерик Хархоф, во кое тој изрази сомневање во независноста и непристрасноста на Трибуналот по серијата ослободителни пресуди, денешното гласање и изборот би можеле да воведат нова напнатост и загриженост како меѓу судиите, така и во јавноста во земјите од поранешна Југославија.

Ослободителни пресуди

Судијата Теодор Мерон се кандидира за највисоката функција во овој меѓународен суд откако Жалбениот совет, со кој тој претседаваше, донесе ослободителна пресуда со тесно мнозинство од гласовите за генералите на хрватската војска Анте Готовина и Младен Маркач, а потоа и за началникот на Генералштабот на војската на Југославија Момчило Перишиќ. Во првостепената постапка Готовина беше осуден на 24, Маркач на 18, а генералот Перишиќ, кој е обвинет и за помагање на извршителите на геноцидот во Сребреница, на дури 27 години затвор. Потиоа, во жалбената постапка, како со магично стапче кое, според многу дискретни укажувања во коментарите на светските медиуми, го држел сегашниот претседател на Трибуналот, исчезнаа тие децениски казни и овие луѓе се на слобода.

Uno-Tribunal in Den Haag Freisprüche für kroatische Generäle

Анте Готовина (лево) и Младен Маркач (десно) по изрекувањето на ослободителните пресуди

Поради таквите одлуки на Жалбениот совет, сите здруженија на жртвите од Босна и Херцеговина, како и невладините организации од Србија и Хрватска, бараа од Обединетите нации смена на сегашниот претседател на Трибуналот, но тие никогаш не добија одговор на таквото барање. Во гласачкото тело, кое денеска ќе одлучува кој ќе биде новиот и веројатно последен претседател на Трибуналот, ќе биде и судијата Хархоф, кој своето писмо го напиша поради „непријатното чувство дека Трибуналот го промени курсот под притисок на воените естаблишменти на некои влијателни земји“.

Хархоф напиша и дека тоа чувство и загриженост го делат и некои некоги колеги кои ги среќавал во ходниците на судот. Сето тоа зборува дека денешниот избор нема, како во минатите двесет години, да биде работа на консензус или акламација, туку тежок испит за професионалната и морална совест на 18 судии на Хашкиот трибунал.