1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кој ја предизвика кризата на еврото?

Дали зад кризата на еврото стојат хордите берзански шпекуланти на чело со озлогласените „хеџ-фондови“ или, пак, кризата има домашни европски корени? И дали фондот на ЕУ и ММФ ќе спречи натамошно опаѓање на еврото?

default

Симболот на еврото пред Европската централна банка

Џон Тејлор носи црни очила, модерна фризура и има малку загадочна насмевка на лицето. Барем однадвор гледано, тој не наликува на ѓаволот, иако многумина го оцрнуваат до бескрај. Џон Тејлор е, имено, основач на еден од озлогласените „хеџ-фондови“. Станува збор за фирми кои нудат финансиски услуги на берзите и кои, притоа, работат со високо рискантни берзански инструменти за да остварат за своите муштерии висока заработувачка - по можност на кус рок. Некои од овие „хеџ-фондови“ ја искористија грчката должничка криза и успеаја да остварат навистина големи заработувачки шпекулирајќи со опаѓачкиот курс на еврото на финансиските пазари. „Еврото е погрешна конструкција и тоа од повеќе аспекти. Како такво не може понатаму да постои. Не треба многу умешност за да се прогнозира слабеење на курсот на еврото“, изјави Џон Тејлор неодамна за ТВ-станицата Блумберг.

Заговор на шпекулантите?

„Хеџ-фондот“ на Тејлор, што го носи името „FX-Concepts“, се смета за еден од највлијателните во светската финансиска бранша. Според изјавата на неговиот главен менаџер, овој фонд свесно ја насочил моќта против еврото. Тоа што Тејлор така отворено зборува за таа постапка, е многу невообичаено во финансиската бранша. Таму, најчесто, стратешките определби се кријат што е можно подолго за да се спречи конкуренцијата да се вмеша во битката за добивка.

John Taylor

Џон Тејлор, основач на еден од највлијателните хеџ-фондови

Седиштето на овие фирми е најчесто во Лондон или во Њујорк, а како споредни се во игра и даночните оази како Кајманските острови, или пак Швајцарија. Легендарна фигури меѓу топ-менаџерите на „хеџ-фондовите“ е Американецот со унгарско потекло Џорџ Сорос, чиј фонд во 1992 година многу успешно шпекулираше против британската фунта. И Џон Тејлор тогаш остварил добра заработувачка, некои тврдат дека имало до 40% дивиденда од таа зделка.

Овојпат, Тејлор наводно се договорил со другите крупни риби од берзите да шпекулираат на опаѓање на вредноста на еврото. Меѓу соработниците на браншата веќе се слушаат сочни поговорки, како на пример онаа дека „еврото е како заклана кокошка, што трча по дворот без глава.“

Криза од „домашно производство“

Но, во реалноста големо прашање е колкава е навистина моќта на „хеџ-фондовите“ и дали ќе можеа тие да му наштетат на еврото доколку во еврозоната немаше домашни структурни проблеми? Дел од експертите тврдат дека „хеџ-фондовите“ само ги засилуваат постојните трендови на берзите и се обидуваат да профитираат од нив, јавајќи на бранот.

Wall_Street Börse in New York

Берзата во Њујорк

„Токму во такво опкружување, каде инвесторите знае да ги фати паника и каде има опаѓање на ликвидноста, може да се предизвикаат суштински поместувања на финансиските пазари со помош на огромната финансиска моќ што ја поседуваат хеџ-фондовите“, вели Михаел Лајстер од Вест-ЛБ банката со седиште во покраината Северна Рајна Вестфалија.

Лавина-ефект

Во меѓувреме, на опаѓачкиот курс на еврото шпекулираат и други, многу помалку сомнителни субјекти на берзите, бидејќи тешкотиите во зоната на европската заедничка валута се очигледни. Така, на берзата во Чикаго веќе со недели се најбарани оние хартии од вредност кои овозможуваат заработувачка на опаѓачкиот курс на еврото. Михаел Лајстер нагласува: „Се ’ на се’ беше јасно дека мора да дојде некако сигнал од политиката. Особено ако се погледне трендот на берзите од минатиот петок, на 7 мај, тогаш се стекнува впечаток како да станува збор за септември 2008 кога колабираше американската банка Леман-брадерс.“

По акцијата на европските држави од минатиот викенд вредноста на еврото забележа дури благо покачување. Така „хеџ-фондовите“, кои шпекулираа на неговото натамошно опаѓање, забележаа помали загуби. Прашање е само што ќе сторат сега Џон Тејлор и нему сличните шпекуланти - дали ќе побараат нова жртва за кусорочни големи заработувачки, или ќе причекаат уште малку да проверат дали еврото навистина трајно ќе се стабилизира.

Автор: Анди Нол / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска