1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој шпионирал?

На 2 јануари 1992 година првпат беа официјално отворени актите на тајната служба на поранешната Германска демократска република. За некои тоа беше шок, за други пак - олеснување.

Наследство на исчезната држава - 1,6 милиони фотографии, дијапозитиви и негативи, 111 регали со којзнае колку километри документи и 15.500 вреќи полни со уништени документи на Штази. Сето тоа се‘ уште лежи во архивите на Сојузниот уред за актите на Штази во Берлин. Уредот до денес одговара за наследството на Министерството за државна безбедност на поранешна ГДР. Тајната служба на ГДР водела акти за над шест милиони луѓе.

Пред 20 години, на 2 јануари 1992, првпат се доби увид во актите на Штази. Основа за тоа даде таканаречениот Закон за актите на Штази, кој стапи во сила непосредно пред тоа и кој до денес го регулира пристапот со актите. Тој треба да овозможи не само обработка на минатото на ГДР, туку и да овозможи проверка на вработените во јавните служби дали соработувале со поранешната тајна служба или не. Од 1991 година наваму, законот е повеќепати менуван.

Во визирот на Штази

Луц Ратенов е еден од првите кои добија увид во актите на Штази на 2 јануари 1992-ра година. Писателот и лиричар се нашол во визирот на Штази уште како

Birthler-Behörde Stasi-Unterlagenbehörde ehemaliges Ministerium für Staatssicherheit Berlin Akten

Километри и километри документи, полни со човечки судбини

многу млад, поради неговите критички изјави. Во 1976-та година бил уапсен, а во 1977-ма година, три месеци пред да дипломира, бил исфрлен од универзитетот во Јена. „Чекав да дојде тој ден, 02.01.1992-ра, за конечно да се објави вистината“, се сеќава Ратенов. Се чувствувал како да му паднал товар од плеќите, вели 59-годишниот Ратенов, кој денес е покраински ополномоштеник во Саксонија актите на Штази. Тој е еден од трите милиони граѓани кои досега ги виделе своите акти.

И Улрике Попе е една од првите кои добиле увид во нивните акти. Борецот за човекови права во поранешната ГДР била изненадена пред се‘ од системот на набљудување и бројот на актите. Ја изненадил и големиот број доушници. „Тоа беше многу повеќе отколку што претпоставував. Ме изненади и интензитетот на набљудување и протоколите на опсервација.“ Наспроти нејзиниот стан била инсталирана камера. „Така се регистрирало секое лице кое влегувало во нашата зграда“, вели таа.

Солзи и смеа

На 2 јануари 1992-ра година Луц Ратенов се сеќава како да било вчера. „На една маса се лееја солзи“, вели тој, додавајќи дека сопругот на поранешната ГДР-опозиционерка и денешна ЦДУ-политичарка, Вера Ленгсфелд, бил соработник на Штази. На друга маса пак, луѓето се смееле, затоа што неофицијалните соработници на Штази пишувале со граматички грешки. За него лично, тој ден немал негативни изненадувања, туку напротив: „Забележав дека многумина од оние што требало да доставуваат информации за мене имале скрупули и не пренесувале се‘ на тајната служба. Ним, практично, им простив уште додека читав“, раскажува Ратенов.

Flash-Galerie Stasi-Unterlagenbehörde

И Улрике Попе немала непријатни изненадувања. Ниту еден од нејзините блиски пријатели не бил доушник на Штази. „Со месеци порано имав информации за пријателите кои се доушници на Штази, но пронајдов многу повеќе луѓе кои се спротивставиле на притисокот на Штази и рекле ’не’“, вели Попе и додава: „Не станав посомничава. Во ГДР бевме генерално сомничави. Но, денес имам повеќе доверба зашто знам дека тие времиња се минато.“

„Тоа не е мрсна дамка што можеш да ја испереш“

Stasi-Untersuchungsgefängnis Hohenschönhausen Zelle

Ќелија во истражниот затвор на Штази во Берлин - Хоеншенхаузен

Поглавјето ГДР и Штази-акти, според Ратенов, не се завршени. „Актите мора да останат отворени, за луѓето да можат да го затворат поглавјето ’ГДР’. За мене отворањето на актите беше завршница.“ Според него, обработката на актите ќе трае до 2035/36 година. „Тоа не е мрсна дамка што можеш да ја испереш“, вели Ратенов и затоа неговата покраинска служба ги запознава учениците и младите со минатото „за лошите страни на системот“ да не паднат во заборав.

И Улрике Попе е активна во обработката на минатото, со тоа што е ангажирана како ополномоштеник на покраината Бранденбург за овие прашања. Таа е убедена: „Во историјата никогаш не се стигнало до точка во која може да се каже - сега е се‘ обработено.“

Автор: Арне Лихтенберг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Ж.Ацеска