1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Кој флертува со инфлацијата, ќе се ожени со неа“

Во финансиската криза централните банки ја преплавија економијата со пари. Експертите стравуваат дека ќе дојде до поскапувања. Но, за ММФ прифатлива е инфлација и од четири проценти.

default

ММФ предложува инфлација од четири проценти

Насловот звучи безопасно. „Rethinking macroeconomic policy“, или одново да се замисли економската политика, е наречен меморандумот со кој главниот економист на ММФ Оливер Бланшар предизвика несогласување во економската бранша. Во неговото излагање, главниот економист на ММФ предлага централните банки од западниот свет да се откажат од својата цел да ја ограничат девалвацијата на парите на два процента, и наместо тоа да акцептираат двојно повисока стапка на инфлација.

Дали истото се случило и порано? Да, во 1972 година тогашниот министер за економија и финансии Хелмут Шмит за време на предизборна кампања изјави: „Полесно може да се поднесат пет проценти инфлација отколку пет проценти невработеност.“ Кога стана канцелар се случи и едното и другото, скоро пет проценти инфлација и седум проценти невработеност.

Критика за предлогот

Olivier Blanchard bei IWF Tagung

Оливер Бланшар е главниот економист на ММФ

Но Оливер Бланшар, главниот економист на ММФ поинаку аргументира. Тој тврди дека ако инфлацијата се зголеми за два процента, тоа нема да го оптовари стопанството. Но, со новопредвидената стапка на инфлација автоматски би се зголемиле каматите, а централните банки би добиле повеќе можности во наредните финансиски кризи да ги намалат каматите. Тоа не е добра идеја според Томас Маер, главен економист во Дојче банк: „Има две причини кои се образложени во текстот на Оливер Бланшар и неговиот коавтор. Како прво дека монетарната политика би била онеспособена ако каматите паднат на нула, и како второ дека стапката на инфлација од четири проценти не предизвикува поголеми трошоци за целокупното стопанство од онаа од два процента. Сметам дека и двете тврдења треба да се преиспитаат.“

Досега не е направена темелна анализа колкави би биле трошоците на стопанството, при повисока инфлација, истакнува главниот економист на Дојче банк, Маер. Освен ова не е вистина дека ако каматите изнесуваат нула, централните банки би биле онеспособени: „Развојот на настаните во изминатата година покажа дека монетарната политика е активна и кога каматата е блиску до нулата. Таа може да ја надмине рецесијата со директно пуштање на пари и кредити во економијата.“

Christian Kastrop Finanzministerium

Кристијан Кастроп од берлинското Министерство за финансии

Исто така и Кристијан Кастроп од берлинското Министерство за финансии предупредува од лекомисленото отфрлање на макотрпно зацртаната инфлација: „Со децении многу индустриски земји вложуваа напори да ги надминат очекувањата за стапката на инфлација, и поради тоа инфлацијата не можеше да се стави под контрола. Сметам дека, како и секогаш, ниската стапка на инфлација е основа за добар развој на реалната економија.“

Шефот на Бундесбанк, Аксел Вебер, исто така смета дека притисокот од ММФ е „сосема непромислен и ризичен“. Со тоа веродостојноста на монетарната политика, на која се работело со децении, би била жртва принесена на олтарот за справување со кризата, пишува тој во Фајненшл тајмс Дојчланд. Најпосле Шпигел го цитира поранешниот претседател на Бундесбанк Отмар Емингер: „Оној кој флертува со инфлацијата, ќе се ожени со неа.“

Автор: Ролф Венкел/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска