1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој уште го поддржува Асад?

Сирискиот претседател Башар ал Асад со брутална сила ја демонстрира својата моќ. Тој уште се држи цврсто во седлото, зашто важни општествени групи досега не се вклучени во протестите.

default

Сирискиот претседател Асад

Режимот на Асад не попушта, но постојат први знаци за раздор во политичката елита. Некои луѓе во владата се фрустрирани поради претседателот и неговата војска, вака весникот „Њујорк тајмс“ цитира претставник на американската влада.

Од странство меѓутоа е тешко да се процени големината на подршката на народот за Асад, во земјата странски новинари нема, што значи ниту независни информации. Приврзениците на режимот, како универзитетскиот професор од Дамаск, Басан Абоу Абдала, се трудат да ги минимизираат протестите. Тој истакнува дека власта одолеала на засилените притисоци однадвор и дека сирискиот народ го отфрлил хаосот, одбивајќи да го следи примерот на Либија и Јемен. Безбројните интернет-видеа пак покажуваат сосем подруга слика од масовните собири. Протестите траат веќе пет месеци, според опозиционерите, досега се убиени околу 2 илјади противници на режимот. Но, каде Асад ја црпи довербата во својата власт?

Unruhen in Syrien

Незадоволство кај народот во Сирија

Алевитите на клучни позиции

„Армијата и безбедносните служби досега стојат еднодушно на страната на претседателот“, вели Рудолф Химели, дописник и експерт за Блиски Исток во весникот „Зиддојче цајтунг“. Посебно помладиот брат на Асад, Махер, апсолутен тврдолинијаш, го брани режимот по секоја цена. 43-годишниот командува со т.н. четврта дивизија на сириската армија. Бруталната елитна единица на негова команда јуриша на селата и ги покосува демонстрантите.

Асад се потпира на клучната позиција на неговиот апарат, на армијата и безбедносните сили, во кои претежно се Алевити, кои се загрозени во својата егзистенција во случај на пад на режимот, вели Химели. Уште таткото на Асад, Хафез ел Асад, најважните позиции во државата и армијата ги делеше на лојалните соверници. Притоа, шиитското малцинство Алевити брои само 12 проценти од 22 милиони жители на државата.

Извештаите на опозицијата за наводно растечки број војници и полицајци кои одбиваат да пукаат врз демонстрантите и преминуваат во нивните редови, експертот ги смета за претерани. Од доверливи извори од соседството е познато дека досега имало мал број дезертери, вели Химели.


Граѓанството засега молчи

Асад профитира и од неучеството во протестите на решавачки општествени словеи.

„Претседателот до извесен степен може да смета и на граѓанската буржоазија во Дамаск и Алепо. Таа не стои одушевено на негова страна, но за неа тој се‘ уште е гарант за стабилност и просперитет“, истакнува Химели.

Економските реформи минатите години го продлабочија јазот меѓу богатите и сиромашните. Градските трговци и претприемачи профитираа, селските провинции заостанаа. Во овие осиромашени области сега се одржуваат демонстрациите, вели Амир Аита, противник на сирискиот режим и уредник на арапското издание на весникот „Ле монд дипломатик“. Но, ниту граѓанството нема вечно да се држи мирно.

„Постои силно чувство на општествена неправда и меѓу буржоазијата. Чувство дека овој вид капитализам во Сирија е само во корист на роднините и пријателите. Во момент кога ќе биде убиен член на буржоазијата, ќе се дигнат и Дамаск и Алепо“, вели Аита.

Unruhen in Syrien

Со тенкви против народот

Христијаните се плашат

Асад ги користи и верските поделби во земјата. Мнозинството Сиријци се сунити. Владејачките алевитски фамилии, христијаните и шиитите се малцинства. Многумина свештеници јавно застануваат зад претседателот, го фалат во неделните проповеди.

„Христијаните под Асад добија целосна слобода, не постои религиозна дискриминација. Сега се разбира стравуваат од можноста сунитското мнозинство да ја земе власта, за нив тоа можеби би било неповолно“, вели експертот за Блиски Исток, Химели.

А режимот прави се‘ за да го подгрее стравот на малцинствата, зашто не постои компактна опозиција. Противниците на режимот мора подобро да се организираат, вели Самир Аита. Режимот има миленици кои го поддржуваат, зашто можат многу да изгубат, а не заради тоа што е добар. Многумина се плашат за континуитетот на сириската држава и од промени. Опозицијата е одговорна да пружи објаснување и да заземе став, вели Аита. Режимот на Асад, се чини, се потпира пред се‘ на стравот на народот од иднината. Но стравот, докажаа револуциите во Тунис и Египет, не е никаква солидна основа за власт.

Автор: Јулија Хан/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски