1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој уште во Сирија го поддржува Асад?

Со сите средства сирискиот режим се бори против сопственото население. Притоа може да се потпре на своите приврзеници - без оглед што тие се во малцинство.

Се говори за дезертери, за големи загуби кај сириските владини трупи и за успеси на вооружената опозиција. Вести од Сирија кои упатуваат на заслабнување или пак дури и пукнатина во системот. Сепак нема сомнежи дека претседател Башар ал Асад и натаму цврсто стои на својата позиција. Имено повеќето негови приврзеници и покрај крвавите судири и натаму го поддржуваат својот претседател- на што се навикнати веќе со години, па дури и децении

Лојалност на алавитите

Кон поддржувачите на Асад се вбројува пред се’ религиозната заедница на алавитите, на која и припаѓа семејството Асад. Ова малцинство блиско до шиитите, сочинува само десет насто од сириското население, но натпропорционално приврзениците на оваа заедница се застапени на клучни позиции во политиката и во војската. Уште таткото на Башар ал Асад, Хафез се потпираше на лојалноста на своите браќа по вера и на тој начин си ја осигура базата на своето владеење. Стратегија на која верен и остана и неговиот син Башар.

Сепак актуелниот претседател не го поддржуваат само алавитите. И голем дел од сунитската средна класа профитира од владеењето на системот на Асад. Фактот дека Асад по преземањето на претседателската функција во 2000. година економски им помагаше пред се’ на претприемачите и на трговците , му ја обезбеди нивната лојалност. Досега мнозинството од нив остана на негова страна, веројатно поради тоа што не сакаат нивните привилегии да им бидат загрозени.

Страв од дискриминација

Истотака и други групи стравуваат од пад на режимот. Пред се’ религиозните малцинства како на пример христијаните кои сочинуваат околу десет насто од населението или пак друзите, кои ги има околу три насто и кои се чувствуваат добро во секуларната Република Сирија. За нив држава во која би доминирале сунитските Арапи, кои сочинуваат 65 насто од сириското население претставува закана. Повеќето Курди, кои се застапени со околу 10 насто во сириското население, досега се однесуваат неутрално. Тие во најголем број се сунити но следат поинакви интереси отколку арапските Сиријци.

Меѓутоа многу луѓе во Сирија гласно бараат соборување на режимот на Асад. Колкав е навистина нивниот број е невозможно да се открие. Алан Џорџ, експерт за Сирија од колеџот Сент Ентони при Универзитетот Оксфорд смета дека противниците на режимот се во мнозинство: „Мнозинството Сиријци се против режимот- активно или пасивно. Малцинскиот дел од населението кој и натаму го поддржува системот на Асад, стравува од хаос и граѓанска војна“, вели Џорџ 

Стабилни односи на моќ?

И Лоренцо Тромбета, дописник од Бејрут на италијанската новинска агенција Анса верува дека веројатно само уште мал број од населението го поддржува Асад- во дел и против сопствена волја. „Тие не можат да се свртат против него бидејќи со тоа ќе го ризикуваат животот“. Во фактот дека во изминатите недели немало провладини демонстрации Тромбета гледа индииции за тоа дека поддршката за Асад се намалува.

Колку навистина се успешни различните опозициски групи во нивната борба против сирискиот режим меѓутоа не може да се дознае. Владата им дозволува влез во земјата на се’ помалку странски новинари. Независното известување е практично невозможно. Иако токму од редовите на опозицијата во изминатите недели  доаѓаа информации за успеси, сепак се чини дека односите на моќ во Сирија значително се немаат променето.