1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој спроведува политика на двојни аршини?

Западните земји и Русија си делат жестоки критики и меѓусебни обвинувања за спроведување на политика на двојни аршини. Повод е руското признавање на Ј.Осетија и Абхазија. Што мислат германските експерти и политичарите?

default

Јужна Осетија инсистира на независност

Дали принципот на „територијален интегритет“ е навистина неприкосновен? Сомнежите се појавуваат уште на прв поглед. Причина - случајот Косово. Тогаш владите и дипломатите во Вашингтон, Брисел и Берлин имаа поинаков став: му дозволија на овој поранешен дел од Србија, без согласност од централната власт, да се отцепи од државата. Во овој случај ги отфрлија обвинувањата на руската страна дека отцепувањето значи прекршување на меѓународното право. Во меѓународното право вакво еднострано отцепување на еден регион од државата се вика сецесија.

Косово е поинаков случај

Експертот по меѓународно право Јохен фон Берншторф, од Институтот Макс Планк во Хајделберг, во признавањето на независноста на Косово од страна на западните земји гледа отстапување од основното начело на територијален интегритет. Но, не може на владите коишто го признаа Косово да им се префрла за примена на двоен аршин, смета тој:

„Ситуацијата на Косово е сосема поинаква. Таму централната српска власт со низа мерки против малцинствата на Косово во голема мера ги повреди нивните човекови права. На крајот интервенираше НАТО, и Косово потоа беше ставено под меѓународна управа. Масовна дискриминација од централната држава која се одвива подолг период може да биде причина, едно малцинство во исклучителни случаи да има право да побара рецесија. Во Грузија нема масовно кршење на човековите права. Оттаму нема меѓународно правна основа за отцепување од матичната земја,“ смета професорот Фон Берншторф.

Поленц: Русија води политика на двоен аршин

Ваквиот став го поддржува и претседателот на комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Рупрехт Поленц.

„Политиката на апартхејд и насилен пристап на Србите против Албанците во Косово не може да се спореди со конфликтот меѓу Јужна Осетија, Абхазија и Грузија“, рече Поленц за Дојче Веле. Според него, многу повеќе Русија води политика на двоен аршин, со тоа што ја призна самопрогласената независност на Абхазија и Јужна Осетија.

“Во овие региони Русија поддржува нешто како право на сецесија, додека во случајот на Чеченија, полага голема важност на значењето на територијалниот интегритет и со брутални методи се бори против Чеченците кои бараат отцепување“, заклучува Поленц и додава „Тоа не оди едно со друго.“ Според Поленц, и случајот со Косово не е преседан, така што Русија не може да се повикува на него.

„Русија не може да се повикува на примерот на Косово, бидејќи не го признала како држава. Тоа Медведев, по признавањето на Абхазија и Јужна Осетија треба последователно да го стори, ако не сака да му се префрла за политика на двојни аршини,“ констатира Поленц.