1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кој со кого во вториот круг?

Почнува вториот дел од предизборната кампања. Главната цел на двајцата ривали овојпат ќе биде да освојат што е можно поголем дел од гласовите што во првиот круг ги добија кандидатите Љубе Бошковски и Имер Селмани.

default

Избирачите ги очекува десетина дена жестока кампања

Решавачката рунда од претседателските избори треба да привлече најмалку 717.000 гласачи. Иако има јавни или притаени сценарија изборите за шеф на државата да бидат бојкотирани со мал одзив и да пропаднат, повеќето аналитичари, но и самите ривали за претседателската фотелја, навестуваат нови жестоки десет предизборни денови, завршни телевизиски соочувања за клучните надворешно-политички приоритети. Аналитичарот од форум-центарот, Горан Ѓорѓиев, вели: „Сметам дека поларизираната дебата околу членството во НАТО, компромисот со Грција и слично, ќе создаде доволно критична маса, која ќе излезе на следниот круг и ќе одлучи дали Македонија сака брзо да го реши проблемот со името и да влезе во НАТО - или не“, анализира Ѓорѓиев.

Како да се привлечат приврзаниците на Бошковски и Селмани?

Mazedonien Wahlen 2009

Гласовите што отидоа за Љубе Бошковски и Имер Селмани ќе бидат клучни за вториот круг

Ако се суди по резултатите од првиот круг, кандидатот на власта, Ѓорге Иванов, ужува огромна поддршка, иако и тој и Љубомир Фрчкоски од СДСМ стартуваат од нула во битката за секој стар приврзаник од првиот круг на изборите, но и за некој нов глас од оние што ги добија кандидатите кои отпаднаа. Во партиските штабови веќе се прават стратегии дали може и како да се привлечат оние тристотини илјади гласачи, кои се определија за Љубе Бошкоски и Имер Селмани. Политикологот Емил Атанасовски оценува: „Љубе Бошкоски и Имер Селмани успејаа да привлечат тристотини илјади гласачи на нивна страна и токму тие ќе бидат клучни за исходот од вториот круг. Или Иванов или Фрчкоски треба да привлечат околу 180 илјади гласови, за изборите да бидат регуларни“, нагласува Атанасовски.

Клучна ќе биде излезноста на Албанците

Mazedonien Wahlen 2009

Во вториот круг изборот ќе биде помал, но потежок

Во претходните два претседателски циклуса, изборот на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски беа успешни, благодарение на масовниот одзив и контрола врз албанските избирачи од страна на ДПА со Мендух Тачи, или, пак, од ДУИ со Али Ахмети. Откако монолитноста во албанскиот избирачки блок е разбиена, со појавата на Имер Селмани, сега и Албанците се демотивирани за вториот круг претседателски избори, каде и двајцата кандидати се Македонци - тврди универзитетскиот професор Јетон Шасивари: „Што се однесува до гласачите-Албанци, сметам дека во вториот изборен круг нивната мотивација да излезат на гласање ќе одигра значајна улога. Тоа ќе зависи од самите кандидати и нивните програми и аранжмани што ќе ги постигнат со лидерите на албанскиот политички блок“, вели Шасивари.

Без оглед на експертските проценки, прагтамтичните политичари од владејачката коалиција ќе ги спои интересот за заемна поддршка и на локалните избори. Можна партиска компензација би била Македонците во мешаните етнички средини, пред се`, Тетово, Гостивар и Струга, да гласаат за градоначалници од редовите на ДУИ. За возврат, партијата на Ахмети да го поддржи претседателскиот кандидат на владејачката коалиција, Ѓорге Иванов.

Автор: Александар Чомовски

Уредник: Трајче Тосев

DW.COM